Корисниците коишто нема да изберат еден од снабдувачите, струја ќе добиваат од универзален снабдувач што ќе се бира на тендер на секои пет години, на овој начин се гарантира дека ниту еден потрошувач нема да остане без струја, а граѓаните нема да плаќаат повисоки сметки за струја со целосната либерализација на пазарот тврдат од владата, навестувајќи дека е подготвен новиот закон за енергетика.
Предлог-законот за енергетика е веќе на јавна расправа, а пред пратениците треба да се најде до крајот на март следната 2018 година.
„Мојата процена е доколку не се случи некое големо зголемување на цената на струјата на светските берзи, нема да има зголемување на цената на струјата на граѓаните. Напротив, граѓаните ќе добијат подобра услуга. Крајните потрошувачи ќе добиваат една или две сметки за струја, една сметка ќе добиваат за користење на мрежата од операторот на дистрибутивниот систем ЕВН и тој понатаму ќе остане да биде тоа, и ќе биде регулирана дејност односно Регулаторна комисија ќе ја утврдува таа цена, а втоарат сметка ќе ја добиваат од снабдувачот на струја којшто ќе може независно и слободно на пазарот да го изберат“, рече вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев.
Со новиот предлог закон е предвидена и поделба на државните компании МЕПСО и ЕЛЕМ. Двата субјекта треба да се управувани од различни институции во државата и поделбата нема да има финансиски последици на државната каса.
Анѓушев посочува дека за малите хидроцентрали, што сега ги градат приватни сопственици и добиваат концесија на одредено време, но по истекот на тој период, централите треба да ги предадат во владение на државата, сега постоела идеја тие да останат во рацете на приватните сопственици, но владата како предлагач отстпила од таквата намера.
„Законот го работеа повеќе работни групи и во тие работни групи имаше повеќе идеи, такво искуство имаа во соседните држави, но во оној текст на законот кој е предложен за дискусија, тој член не постои“, додава Анѓушев.
Со законот треба да се надминат и конфликтите на интереси во делот на снабдувањето со гас. Со „Макпетрол“, кој се јавува како снабдувач и дистрибутер на гас, се преговара да биде обесштетен. Компанијата има интерес да остане снабдувач со гас што знач дека ГАМА ќе мора да се спои со МЕР чија дејност ќе биде дистрибуција на гас.