По Антикорупциска и Владата потврди дека министерот Бујар Османи злоупотребил службени возила на МНР за изборни и партиски активности. Вицепремиерката за креирање добри политики, Славица Грковска за Алсат потврди дека по испитувањето на заклучоците на Антикорупциската комисија и тие констатирале повреда на Етичкиот кодекс од страна на министерот Бујар Османи.
Сепак, Грковска смета дека со оглед на состојбите во Собранието и неговото блокирање, во моментов не може да се направат итни законски измени за да се спречи злоупотреба од функционерите. Но, нагласува дека нејзиниот кабинет ќе се обиде да преземе мерки и во други форми за да се спречат вакви злоупотреби. Во меѓувреме, од Антикорупциската комисија велат дека нивните иницијативи, за жал државните институции потоа не ги процесираат.
„За жал, неефективно е и постапувањето на самата комисија каде што јас сум член бидејќи тие сознанија што ги потврдуваме во управната постапка мора барем да се потврдат и некој да одговара. Но, кај нас за жал, имаме постојана политичка корупција, дали во вработувањата, дали во именувањата, дали во управувањето со многу области од јавниот сектор, политички диктат и за жал продолжува нереформирањето на системот во целина, особено неуспехот да се реформира системот во делот на управувањето со човечките ресурси, било во однос на вработувањето или во однос на назначувањето и разрешувањето на водечките органи“, рече Нури Бајрами, Член на Антикорупциската комисија.
Бајрами вели дека системот дефинитивно мора да се реформира и приоритет да ѝ се даде на меритократијата, односно напредувањето и именувањето на функции според заслугите, а не според партиската припадност. Инаку, откако Комисијата за спречување на корупцијата утврди дека Бујар Османи злоупотребувал службени возила за партиски и изборни активности, во МНР немало никакви докази како се трошело горивото и како се користеле автомобилите.