Владата повторно ќе му помогне на ЈСП ако не успее тендерот за нафта

Владата ќе излезе во пресрет на потребите на ЈСП Скопје доколку не успее набавката на нафта, рече министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.

– Целта на оваа Влада е децентрализација и тоа се покажува и со средствата што се издвоени – оваа година 100 милиони евра за општините, наредната 250 милиони евра, повторно за општините за зајакнување на децентрализацијата. Но, кога не можат општините тука е Владата, бидејќи најбитни ни се граѓаните. Значи и кога не е наша обврска Владата ќе излезе во пресрет… Ние би сакале општините да се јаки и добро изменаџирани, но кога не можат побитни ни се граѓаните, а посебно Скопје кој што е главен град – рече Меџити одговарајќи на новинарско прашање.

Во однос на набавката на 120 електрични автобуси, тој потврди дека се разговара за тоа и дека никој не спори оти е потребна мерка, а дали можело порано ова да се реализира, вели подобро подоцна отколку никогаш.

Владата, минатата недела на вонредна седница донесе одлука да додели 250.000 литри нафта како позајмица од државните резерви за ЈСП со цел да се надмине колапсот во јавниот транспорт во Скопје, откако поголем дел од автобусите на јавното сообраќајно претпријатеие останаа во гаражите поради немање гориво. Состојбата е нормализирана, со интервентни количини, но тие се доволни за 10-тина дена, а на барање на раководството на JCП, Бирото за јавни набавки одговори позитивно за спроведување итна постапка за набавка на нафта со преговарање.

Во однос на состојбата со општините Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево кои нема каде да го одложуваат отпадот откако граѓаните на Кочани го блокираа пристапот до градската депонија во таа општина, Меџити рече дека проблемот бил од финансиска природа и дека Владата излегла во пресрет и на ова барање за да се реши краткорочно проблемот.

– Финансиски обврските ќе ги преземе Владата и пак ќе се вратат на истата депонија, како досега. Проблемот беше финансиски бидејќи не можеше да се носи со тоа Општина Кочани, и ние одлучивме да им излеземе во пресрет, да ги помогнеме финансиски за да се реши овој проблем краткорочно или среднорочно. Бидејќи работиме интензивно со проектот од Европската банка за развој, кредитот што е преземен од Министерството за животна средина е 55 милиони евра за регионалните депонии – рече Меџити.