Владата во средата донесе пакет од 26 мерки и препораки за ублажување на последиците од економската криза како последица од руско-украинскиот конфликт. Мерките се наменети за граѓаните и за компаниите со цел да се сочува животниот стандард на граѓани и ликвидноста на компаниите.
Мерките се поделени во две категории. Во првата група се мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и компаниите, а во втората група – мерки за финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка.
Дел од мерките се намалување на повластената стапка на ДДВ за основните прехранбени производи на нула проценти и тоа ќе важи за лебот, шеќерот, брашно тип 400, зејтин, трајно млеко, свежо месо, ориз и јајца, кои претходно имаа повласетна стапка од 5 отсто.
Се замрзнуваат и маржите за основните прехранбени производи. Предвидени се и ваучери во вредност од илјада денари за купување на основните прехрабени производи за ранливите категории…
Владата донесе препорака за менување на методологијата за усогласување на цените на дериватите според која цените ќе се менуваат на дневна основа и на тој начин да се избегнат големите промени на цените.
Владата ќе го пролонгира воведувањето на еколошката такса за енергенси, што во моментов е во собраниска процедура.
„Ја намалуваме стапката на ДДВ од 18% на 10% при промет на енергенсите: дизел, безоловен бензин ,гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан. Оваа мерка ќе ја заштити куповната моќ на потрошувачите. Мерката ќе има директно влијание врз цените. Дизелот наместо 85,5 би се намалил на 75,5 денари, бензинот наместо 91,5 денари би се намалил околу 11,5 денари“, рече Ковачевски.
Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-коференција истакна дека на денешната владина седница биле донесени повеќе мерки за ублажување на последиците од како што рече, најголемата глобална криза по Втората светска војна.
„Предизвиците пред нас се огромни. во услови на постпандемија се соочуваме со најголемата економска криза која Европа и светот ја паметат во поново време. На глобално ниво растот на трошоците на храната и на енергенсите како резултат на воената агресија на Русија на Украина го чувствуваме и ние денес и сега. Дисбалансот на цените на основните продукти и енергенси не засега и нас. Ова ќе биде тешка година но со добри мерки и политики ќе ја премостиме“, порача Ковачевски на прес-конференцијата во Владата.