Владата донесе одлука за прогласување кризна состојба во регионот на нашата јужна и северна граница со што согласно правните прописи се отвара можност за соодветен ангажман и на армијата.
Како што информиравме во повеќе наврати, меѓуинституционалното координативно тело секојдневно ја следи состојбата со илегалните мигранти кои имаат намера да влезат на наша територија од соседна Грција и изготвува соодветни анализи за одговор при сите евентуални сценарија.
Заради зголемениот притисок на јужната граница и се поголемиот интензитет на транзит преку таканаречениот балкански мигрантски коридор, но и состојбата во глобални рамки, беше проценето дека е неопходна дополнителна, зголемена и поефикасна контрола на граничниот појас каде се регистриранимасовни илегални преминувања од грчка страна, соопши Министерството за внатрешни работи.
Армијата ќе ја зголеми безбедноста на локалното население
Оттаму посочуваат дека ангажманот на армијата ќе придонесе за зголемување на безбедноста и спокојството на локалното население, како и посеопфатен пристап во третманот на лицата кои изразиле намера да бараат азил.
За постапување по одлуката на Владата ќе биде формиран Главен штаб при Центарот за управување со кризи кои треба да го изготви акцискиот план и да ги реализира предвидените активности.
Свесни сме дека зголемената контрола на нашата јужна граница не претставува конечно решение на проблемот и затоа очекуваме дека во најскоро време ќе биде утврден единствен, хуман одговор од страна на ЕУ, кој ќе ги опфати сите земји што се најзасегнати од мигрантската криза и солидарно ќе го сподели товарот на соочувањето со предизвикот, велат од МВР.
Колку за илустрација на ситуацијата со која се соочуваме и зголемувањето на притисокот на нашата јужна граница, во изминатите 24 часа, издадени се потврди на вкупно 1.327 странски државјани, за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-1.004, Бангладеж–115, Пакистан-79 додека другите се во помал бро
Вкупно, во овие два месеци, откако стапија на сила измените во Законот за азил, издадени се потврди на вкупно 41.414 странски државјани. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-33.461, потоа Авганистан-2.073, Ирак-1.947, Пакистан-1.198, Сомалија-561, Палестина-560, Конго-301, Бангладеж-230, Нигерија-142, Камерун-140 Еритреја-140, Етиопија-109, додека останатите се во помал број.
Од започнувањето на издавањето на потврдите до денеска, до Одделението за азил се поднесени 47 барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда , при што 34 барања се од државјани на Сирија, од нив 10 за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан и Авганистан од нив четири се деца кои го придружуваат родителот, по две барања од државјани од Мароко, Алжир и Ирак (едно од барањата е за деца) и едно барање од државјанин на Египет.