![aleksandar-gorgiev](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/06/aleksandar-gorgiev.jpg?resize=675%2C310&ssl=1)
Кабинетот на премиерот на Република Македонија и Генералниот секретаријат при Владата распишаа конкурс за неколку десетици волонтери. Како што напомена владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев, волонтери се бараат од сите факултети од општествени и природни науки, а предност ќе им се даде на оние од правниот, економскиот, политичкиот, филозофскиот и електро-техничкиот факултет.
„Волонтерите ќе бидат ангажирани во периодот од 1 јули до 15 септември и за тоа ќе им бидат исплатени 15 отсто од просечната плата, што е некаде околу 4 илјади до 4.500 денари. Исто така ќе им биде издадена и волонтерска книшка“, рече Ѓорѓиев.
Огласот започнува денеска, а ќе трае се до 15 јуни. По завршувањето на огласот, две недели ќе се разгледуваат поднесоците по што ќе следуваат интервјуата на кои кандидатите ќе ги искажуваат своите визии и предлози.
Овој оглас е 8-ми по ред кој го распишува Владата на Република Македонија.
Во меѓувреме и министерството за финасии распиша оглас за 40 волонтери од правните и економските факултети. Огласот за аплицирање завршува денеска, а избраните кандидати својата практична работа ќе ја извршуваат од 16 јуни до 15 септември 2014 година.