Владата разгледува промени за е-регистрацијата

Владата разгледува можности како да ја олесни постапката за електронско пријавување на данок. Минатата недела Управата за јавни приходи (УЈП) објави дека сите, па дури и пензионерите, треба до крајот на годинава електронски да се регистрираат за да можат пријават данок. Тоа предизвика жестоки реакции во јавноста. Од Владата тврдат дека оваа реформа на даночната управа е неопходна, а УЈП мора да најде начин и механизми како да им овозможи на сите граѓани, а пред се на пензионерите, без проблем да бидат регистрирани на новиот електронски даночен систем.

Разгледуваме варијанта за пензионерите и за примателите само на плата кои немаат други приходи да се искористи тоа и буквално да немаат таква обврска, но го разгледуваме. Зошто? Затоа што сериозна експертска помош имаме од Европската делегација и со европската помош, го разгледуваме и ако е возможно ние тоа ќе го соопштиме. Но, треба да знаат граѓаните дека ние немаме намера да правиме нешто што е непријатно, впрочем целта е да им олесниме на граѓаните во делот на услугите кои ги дава УЈП“, изјави премиерот Заев.

Новите правила на УЈП предвидуваат сите физички лица коишто во текот на годината оствариле приходи, вклучувајќи ги и оние кои примиле само плата или само пензија, да мора во следниве три месеци електронски да се регистрираат во УЈП на новиот систем Е-персонален данок. Оние кои нема да можат сами да го сторат тоа, ќе можат преку нотар да овластат полномошник кој ќе го прави тоа за нив.