На денешната седница на Владата била донесена одлука за разрешување на двајца директори од редовите на Алијанса за Албанците и двајцата приврзаници на лидерот Арбен Таравари, објави ТВ Кланi.
Според владини извори, се дознава дека се разрешени Бујарe Абази од функцијата директорка на Пошта на Македонија и Газменд Абдија, од позицијата директор на Агенцијата за странски инвестиции.
Абази е потпретседателка на Алијанса за Албанците и таа на Таравари му изрази поддршка за партијата да ѝ се приклучи за изборите на опозициската коалиција на Албанците.
Абдија пак, е претседател на гостиварскиот огранок на Алијанса за Албанците.
Одмаздата доаѓа откако претседателот на АА, Арбен Таравари, најави дека партијата на претстојните парламентарни избори ќе се приклучи кон албанската опозиција.
-Верувајќи непоколебливо во моите колеги партиски членови и во нашата заедничка визија, барам доверба дека Алијансата за Албанците ќе влезе во изборна трка со албанската опозиција, а заедно ќе го направиме најдоброто за оваа држава!, напиша во саботата Таравари на својот официјален фејсбук профил. Тој исто така побара поддршка од Централното собрание за оваа одлука.