Владата го продолжува и се фали со стариот проект на претходната влада „Купи куќа, купи стан“ под изменети услови. За младите што ќе се решат да купат стан, а имаат до 35 години, субвенцијата за учество ќе изнесува 70%, а каматата се намалува на 4 отсто за цело време на отплата на кредитот, плус маргината над 6-месечниот Еурибор. Тие што ќе изберат субвенционирање на месечна рата ќе добијат 70 отсто државна помош од износот на ратата во првите 5 години од кредитот, а притоа каматите се намалуваат на 2.9 отсто во првите 3 години и 3.9 отсто во 4-та и 5-та година.
Граѓаните ќе можат да аплицираат под новите услови за субвенции кога законските измени ќе се изгласаат во собранието. Истовремено, и пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ предлага измени кои предвидуваат државата да ги помага граѓаните 8, а не 5 години, како и ограничување на висината на каматите за да се заштитат граѓаните.
Каматната стапка да изнесува не повеќе од 0,8 процентни поени од основната каматна стапка, наместо моменталните 3,95 отсто за првите три години од отплатата на кредитот и не повеќе од 1,3 процентни поени од основната каматна стапка на НБРМ наместо 4,44 отсто за четвртата, петтата и шестата година од отплатата. Во моментов основната каматна стапка на НБРМ изнесува 2,5 процентни поени. Каматната стапка по завршување на првите шест години нема да биде повисока од шестмесечен ЕУРИБОР + 5 процентни поени. Државата би субвенционирала 60 отсто од ратата во првите 5 години и 30 отсто од ратата во наредните три години“
И покрај тоа што од ВМРО-ДПМНЕ ќе побараат цената на станот да може да надмине 900 евра за метар квадратен, за да се спречи лажно прикажување на цената на атрактивни локации, Тевдовски останува на овој праг и ја ограничува големината на становите и куќите на 150 квадрати. Вели дека и сите корисници на кредитот можат да добијат едногодишна субвенција од 30 проценти од ратата за секое родено или посвоено дете. За лицата над 35 години што ќе купат куќа преку овој проект, државата ќе субвенционира 80 проценти од учеството и ист процент од месечната рата во период од 5 години. Засега само 8 банки нудат кредити во рамки на овој проект.