Собранието од утре ја отвора расправата по барањето за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување откако денеска Владата достави свое мислење.
Претседтелката на Законодавно правната комисија, Соња Мираковска за утре во 14 часот ја закажа седницата на комисијата која што е надлежна да дава толкување на законите донесени од парламентот. Владата попладнево го достави мислењето до законодавниот дом во кое се оценува дека членот 11 е непостоечки и дека поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов немал право да даде амнестии во 2016 година врз основа на овој член.
„Според ова мислење, во март 2016 година, Уставниот суд го укина Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година, но со укинувањето на законот од 2009 година, не се враќа во сила одредбата од членот 11. Тоа значи дека претседателот на Републиката немал, ниту пак сега има правна можност да даде помилување без спроведување на постапка врз основа на тој член и според тоа сите акти за помилување на претседателот на државата засновани на член 11 од Законот за помилување објавен во„Службен весник на Република Македонија“ број 20/1993, се незаконски и како такви ништовни“, се вели во соопштението од Владата.
Досега сите парламентарни парии и од власта и од опозицијата се изјаснија дека ќе гласаат во полза на владеењето на правото, но дали ќе го прифатат мислењето на Владата останува неизвесно. Доколку биде прифатено ваквото мислење на Владата во Собранието тогаш тоа би значело дека Иванов амнестиите кои ги даде на повеќе од 50-тина осомничени во предметите на СЈО се ништовни, а дека Иванов постапил незаконски. Дел од јавноста оценува дека поради ова екс шефот на државата би можел да биде повикан и на кривична одговорност. Но, дел од експертската јавност не се согласува со ова. Професорката Тања Каракамишева од Правниот факултет вели ако членот 11 не постоел во 2016 година тогаш на што е додеден членот 11а подоцна. Членот 11а му дава право на претседателот да повлече веќе еднаш дадена амнестија по барање на лицето кое е амнестирано.
Токму овој член сега го разгледува Уставниот суд. Евентуална одлука на судот да го поништи овој член би значело дека амнестиите дадени од претседателот Иванов повторно се враќаат на сила. Ова беше причина СДСМ да побрза со барање за автентично толкување на членот 11 и да ја пресретне ваква можна одлука на Уставниот суд.
Иако власта вели сака да спречи оние што го прекршиле законот да се спасат од правдата, сепак дел од политичките партии препознаваат предизборна политичка игра.