
До кое дереџе ја донесе СДСМ државата, да излезе цела Влада на важна прес конференција и да се фали дека ќе продолжи со даночната политика како досега. СДСМ со ваквите нестабилни политики придонесе да има уште поголем удар за стопанството, рече во четвртокот Бојан Стојаноски, пратеник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Со таквите потези, како што оцени Стојанмоски, Владата креира нестабилност, несигурност кај бизнисот и кај граѓаните.
„Три месеца изгубија во најава за даночни реформи, го убедуваа бизнис секторот и граѓаните дека прогресивниот данок е правилна мерка, за на крај да ја повлечат. И наместо да има акција од приватниот сектор тие чекаат и не можат ниту да планираат инвестиции, ниту развој. Напротив чекаат да видат каква ќе биде економската и даночната политика на Владата“, рече пратеникот.
Додаде дека во ВМРО-ДПМНЕ се задоволни што по вкупно 13 години како партија, и по пет години како влада, СДСМ се откажала од нејзините „даночни авантури“ и „конечно прифатила“ дека рамниот данок воведен во времето на владите на ВМРО-ДПМНЕ е „стабилен, развоен и предвидлив даночен концепт, поволен“ и за стопанството и за граѓаните.
„Со оваа прес конференција СДС докажа дека немаат стратегија за даночна реформа, која помпезно ја најавуваат. Наместо во услови на инфлација и зголемен долг кој е над 7.5 милијарди евра граѓаните на Македонија да слушнат за даночни ослободувања, владата соопшти дека ќе има нов данок за фриленсерите, и даночни стапки кои се исти како до сега. Безидејност, презентирана преку прес конференција долга еден час е на лик на минатите прес конференции кои ги држат долго време за да ги манипулираат граѓаните дека наводно нешто направиле“, рече Стојаноски.
Ја обвини власта дека ја потценува интелигенцијата на македонскиот народ, презентирајќи правичност во оданочувањето, а всушност реалноста е сосема поинаква.
„Покрај тоа што власта ги прифати предлог мерките за ублажување на енергетската криза, сега и укинувањето на прогресивното оданочување кое што сакаше да го воведе СДС е на инсистирање на ВМРО-ДПМНЕ. Не дозволивме граѓаните да плаќаат за неспособноста на власта. И премиерот и министерот за финансии држат прес конференција, на која главна поента е дека треба да сме благодарни што не се покачуваат даноците. Нема новитети, нема даночни ослободувања“, рече Стојаноски.
Истакна дека Владата се фали со стари мерки коишто се веќе на сила и повеќе од десет години, за кои сега признава дека нема да ги менува. Ја критикуваше и владејачката СДСМ, којашто, според оцените на Стојаноски, ги довела граѓаните да се благодарни што нема да се зголемуваат даноците, и што ќе имаме храна и струја.
„Бараме да не ја истоштуваат дополнително и таа кревка економска состојба која што ја имаме, туку веднаш, во најбрз можен рок овие мерки и сите други кои ги предложивме да ги достават до Собранието на понатамошно разгледување и усогласување. Граѓаните се уморни од калкулантските политики на власта. Потребни се итни мерки за помош на граѓаните и на бизнисот“, заклучи Стојаноски