Нов систем за контрола на летање во воздухопловната навигација и нова оперативна сала за него (АТМ-систем), е проект за кои се говори уште од 2013 година, но, и покрај тоа, конечната реализација, иако е во финишот, се’ уште виси во воздух.
Во тек е потпишување на договорот за изборот на нов систем за контрола на летање, а во игра се две фирми: италијанската „Леонардо“ и шпанската „Индра“.
Интересно за овој проект е што владата на седница одржана на 10.4.2018 година, носи заклучок „М-НАВ да го ретендерира проектот за набавка и инсталација на нов АТМ систем, со изземање на зградата (техничко оперативна сала), која треба да се набави од сопствени средства на М-НАВ.
Односно, му се укажува на М-НАВ, да го прекине отпочнатиот процес на набавка, бидејќи договорот за закуп на приватно земјиште за техничко оперативната сала е еднострано раскинат од закуподавачот и треба да се одреди нова локација на државно земјиште за поставување на новиот радар.
Но, шест месеци подоцна, на 22.10.2018 година, владата сепак решава да се гради техничко оперативната зграда, и без образложение, на седница носи одлука да престанат да важат претходните заклучоци на владината седница одржана на 10 април, во однос на проектот за набавка на АТМ системот и техничко оперативната сала.
На записниците од седниците стои потписот на генералниот секретар на владата, Драги Рашковски.
ATM-системот е примарен систем преку кој се остварува основаната услуга на М-НАВ, т.е. давање услуги на воздухопловна навигација во воздушниот простор над Република Македонија, со цел безбедно, редовно и ефикасно одвивање на воздушниот сообраќај.