Владата се задолжи со нова еврообврзница од 600 милиони евра, иако од инвеститорите бараше најмалку 800 милиони. Ова го покажуваат податоците на терминалот на „Блумберг“.
Според финалните услови, кои веќе се одредени за новото задолжување, каматата ќе биде во износ од 6,5 отсто, а основицата ќе се враќа четири години.
Одлуката за максималниот износ на новото задолжување преку еврообврзница Владата ја донела на седница на шести февруари, всушност истиот ден кога е направено претставувањето пред инвеститорите.
Инаку, треба да се напомене дека последната еврообврзница Владата ја има издадено во март 2021 година, на сума од 700 милиони евра, а со овие пари, меѓу другото, се врати стар долг од 500 милиони евра.
За минатата година Владата исто така планираше да издаде еврообврзница, па дури и се спомена сума од 900 милиони евра, но потоа потребите од пари за буџетот се премостија со други задолжувања, а како причина за тоа се наведе фактот дека не биле поволни состојбите на меѓународниот пазар.