Владата в недела ќе ги објави мерките од четвртиот пакет. Денеска се одржуваат последните консултации на економскиот тим министри со претставници на коморите, за утре е закажaн состанок на вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска со Економско социјалниот совет и во недела за него треба да одлучува Владата.
Ова го соопшти премиерот Зоран Заев во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Љуботен, наведувајќи дека со ова се затвораат дебатите за развој на мерките.
Тој потенцира дека мерките се однесуваат на период до крајот на годината и оти дел ќе се носат преку одлуки на Влада, еден дел треба да поминат во Собранието, бидејќи, како што појасни, сега не се носат со уредби на Владата како што беше претходно во постоењето на вонредната состојба.
-Верувам дека ќе опфатиме мерки за трите месеци од годината и оти имаме простор до 15 октомври да ги донесе Парламентот – потенцира Заев.
Според него, буџетот е во кондиција и во моментот Владата е фокусирана кон поддршка на економијата, работните места и посиромашните граѓани, затоа што, како што рече, само така може да очекуваме идни приходи во буџетот, со задржување на работните места.
Засега мерките се предвидени за до крајот на годината, а за нови ќе се разговара во декември.
-Рационални сме во одлуките. Не смееме да носиме одлуки од сега до март. Носиме одлуки во рамки на една буџетска година. Веројатно во декември ќе развиеме следни пакети за од јануари до март, април, мај до кога ќе бидат и предвидувањата. До крајот на годината веќе очекуваме вакцина да постои во светот, лекарства и психолошкиот момет да го растовари македонското стопанство, за да може секако да се придвижи уште подобро економијата. Затоа развивме, согласно закон, мерки што траат до трите месеци. Но, ќе видите во пакетот има мерки што се однесуваат и за до крајот на 2021 година. Имаме одложуваање на аконтации, ослободување од даноци што треба уште сега да ги знаат компаниите – истакна Заев, додавајќи дека не сите еднакво патат од кризата, кај некои има 100 отсто влијание, кај некои 30, кај некои и помалку.
Во однос на субвенционирањето на плати по етничка основа, Заев посочи дека тоа е јасно определено во програмата на 39-та страна во делот каде се работи за водење грижа за еднаквоста при помагањето, односно рамномерниот регионален развој.
-Граѓаните се еднакви, еднаквоста мора да биде застапена, но не може да кажеме дека сме еднакви ако кумановскиот регион има најмногу невработени, после тоа е скопскиот и сите други региони. Тоа значи посебна ориентација по регионите каде има најголема невработеност. Посебно не може да кажеме и дека ни се исто развиени селата и градовите, што значи поголем фокус на селата во делот на поддршката на работни места, инвестиции или развој на севкупните економски аспекти – рече Заев.