Владата за едни спрема откази, за други плата

Додека Владата подготвува план за реформи на јавната администрација којшто вклучува прогласување технолошки вишоци и отпуштања, распишува оглас за привремени вработувања. Иако пребројна и натрупана, се чини, во јавната администрација нема доволно луѓе кои може да ги завршат сите работни задачи, па Владата има потреба од вработувања на дополнителен кадар.

Во оглас објавен на трети ноември владата преку Службата за општи и заеднички работи бара агенција за привремени вработувања. Според огласот објавен на сајтот на Биро за јавни набавки, договорот „тежи“ 4,5 милиони денари и ќе биде со важност до крајот на 2019 година. Ова значи дека за привремени вработувања само со овој договор Владата на премиерот Заев планира да потроши околу 74 илјади евра.

На прашањата на Нетпрес со која намена се објавува огласот и дали се планираат нови вработувања во Владата, од Илинденска 2 велат дека договорот за привремени вработувања не е за нови вработувања. Портпаролот Миле Бошњаковски вели дека огласот е со цел продолжување на договорите за веќе ангажираните работници.

„Во врска со објавениот оглас на ЕСЈН за доделување договор за јавна набавка на услуги – привремени вработувања за потребите на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија, Ве известуваме дека не се планирани нови вработувања , туку се работи за продолжување на договорите на веќе ангажираните работници во Службата“, вели портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Но, дека бројот на вработени во Владата, сепак, ќе се зголемува говори најновиот оглас објавен за потребите на Кабинетот на премиерот Заев. Во огласот објавен во четвртокот се бара посебен советник за труд и социјална политика. Според огласот, за оваа работна позиција предвидена е нето плата од 50 илјади денари.

Инаку во текот на оваа година Владата досега распиша повеќе огласи за привремени вработувања. На почетокот од годинава Владата случи договор со агенцијата за привремени вработувања „Мотиви“ во вредност од 56 илјади евра. Во август, пак, Владата склучи договор со Агенцијата за интелектуална сопственост „Артпицк“ во вредност од половина милион евра. Со Буџетот за 2018 година Владата имаше предвидено да потроши 1,3 милиони евра за привремени вработувања, најголем износ што досега некоја Влада го предвидела за ваков вид на ангажирање работници.

Инаку, премиерот Заев пред само неколку дена најави дека на дел од вработените во јавната администрација ќе им се заблагодарат за работат и ќе бидат понудени на приватниот сектор.

Министерот за информатичко општество и јавна администрација, Дамјан Манчевски зборувајќи во рамките на најавените реформи најави укинување на цели институции, сектори и работни места.

„За некои можеби ќе биде и болен процес, но тоа е нешто што мора да се направи за да се стави ред на хаосот. Тоа ќе значи укинување можеби на институции, намалување на бројот на менаџери, управни одбори и раководни лица. Во прв план да се обидеме на луѓето да им најдеме место во системот доколку анализата нормално укаже дека одреден број на луѓе се прекубројни како што веќе најавуваме долго време“, изјави неодамна министерот Манчевски.