На денешната седница на Комисијата за труд и социјална политика, владејачкото мнозинство одби да изгласа одржување на јавна расправа на тема законското решение „Недела неработен ден“, информираше во понеделникот пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска.
„Владејачкото мнозинство на чело со Социјалдемократскиот сојуз постојано говорат за транспарентност, отчетност и дебата, но кога ќе дојде моментот за тоа, а тоа е токму тука, местото за јавна расправа е тука во Собранието на Република Македонија, тие едноставно бегаат од соочување со аргументите, јавните дебати, вкрстување на аргументите и секако соочување со јавноста“, истакна Ласовска.
Посочи дека токму на овој начин, владејачката СДСДМ и пратениците од мнозинството ја практицираат и замислуваат демократијата, без дебати, без различни мислења, без аргументи, туки само со скап ПиАр во партиски интерес.
Дополнително, Ласовска информираше дека денеска не биле консултирани и претставниците на Сојузот на синдикатите кои изминатите денови со соопштенија за медиумите даваа своите согледување за законското решение, предлози и сугестии, како ниту Стопанските комори, ниту, пак, експертската јавност.
„По којзнае кој пат Социјалдемократскиот сојуз и пратениците од мнозинството ја покажуваат својата арогантност и нетранспарентност. По којзнае кој пат покажуваат дека нив не ги интересираат проблемите и барањата на граѓаните и на крајот од денот носење на вистинско и правилно законско решение“, рече Ласовска.
Минатиот месец Стопанската комора на Македонија предупреди дека отпуштања до 30 отсто, неизвесна реализација на капиталните проекти, застој во производството, повисоки трошоци, намалена продуктивност и несигурен поврат на инвестициите, ќе предизвика законското решение за недела неработен ден кое мина во Владата без да бидат земени предвид забелешките и предлозите на бизнис заедницата.