Во прекрасен амбиент, во големата сала на Националната установа Центар за култура „Кочо Рацин“ во Кичево се одржа Божиќно-новогодишен концерт на традиционални празнични каланди.
-Бождеството Христово е празник чиешто торжество започнува уште во навечерието на Бадник и продолжува сѐ до неговото оддание. Тоа е празник кој е нераскинливо поврзан со нашиот народ, нашата култура и длабоко е присутен во начинот на живот, врежан во срцата и душите на оние кои го прославуваат Бога. Синоќа пред голем број љубители на културната и духовна традиција, во организација на хорот „Митрополит Козма Пречистански“, се одржа божуќно-новогодишен концерт. Членовите на истакнатиот кичевски хор, како и музичарите од составот „Мерак Чалгии“, заедно со уште многумина млади музичари од насоката за традиционална музика и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, повторно успеаја да ни ја пренесат длабоката празнична смисла која извира од православната традиција, велат од Бигорскиот манастир.
Додаваат дека во тие традиционални музички творби совршено се вклопила претставата „Божикна авантура во градот на снегулките“, што придонесла целиот настан да биде, всушност, еден своевиден мјузикл.
Во преполнетата сала, присуствувале и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Крушевски и Демирхисарски г. Јован, Неговото Преосвештенство епископот Антаниски и игумен на Свештената бигорска Обител г. Партениј, директорот на Центарот за Култура на Кичево, Мазлам Османи, како и архимандрити, монаси и монахињи, жители на градот Кичево, но и пријатели и гости од повеќе градови низ Македонија.
На крајот од музичкиот настан најмладите учесници – хористи го повикаа владиката Партениј, за да му подарат пригоден дар во знак на благодарност за неговите заложби, иницијативи и самопрегорен труд за реализацијата на вакви убави нешта, а Филип Тинтоски му прочита благодарствено слово од името на сите учесници.
-Какви и да се, скромни ќе бидат сите наши благодарности и пофалби за величественото и прекрасно дело што го направивте и сè уште постојано и неуморно го правите за нас, за црквата Божја и за нашиот народ и Татковина. Вие сте и нашата ѕвезда водилка којашто нè води секогаш кон Христа, ни Го покажува онаков каков што и е: најсладок, најмил, најљубовен. Вие сте и нашиот заслон во нашите напади, гревови и падови, секогаш подготвен да нè покриете со Вашиот љубовен покрив, да ни простите, да нè заштитите од духовниот непријател, рече меѓу другото Тинтоски.
Трогнат од љубовта и воодушевен од целиот настан, владиката Партениј, топло им се заблагодари на сите учесници и упати светли христијански пораки и поуки за Новото лето Господово, порачувајќи дека „преку Христа стануваме културни луѓе“.
-Што се однесува, до концертот, ќе бидам искрен и ќе кажам дека многупати ми наидуваа толку силни чувства, што дури и заплакав. Затоа што сето ова е плод на покајанието. Сите овие деца што ги гледате пред вас, го направија овој прекрасен концерт поради нивниот ентузијазам. А нивниот ентузијазам потекнува од нивното покајание, затоа што сите тие живеат евхаристиски, воцрковени се. Видовте каква култура негуваат во себе преку Христа! рече меѓу другото владиката Партениј.
Искажа задоволство што Кичево во последните години навистина доживува една преродба, што се должи на соработката и тоа градот станал пример за мултиетничка соработка.
На крајот од овој радосен настан, учесниците и организаторите им посакаа на сите Новата 2024 година да им биде исполнета со љубов, радост, мир и среќа, нови почетоци, нови надежи и нови благослови.