Претседателот Ѓорге Иванов денеска ги прими членовите на владиниот тим за странски инвестиции за да размени идеи, мислења и иницијативи со кои ќе се засили економската агенда во рамки на неговите дипломатски активности.
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министрите без ресор задолжени за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф, Горан Мицковски, Веле Самак и Фуркан Чако, како и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо, пред претседателот Иванов ја претставија стратегијата за обезбедување зголемен прилив на странски директни инвестиции по земји, региони, и пазари, како и чекори од стратегиите за промоција на извозот на Република Македонија.
Како што соопшти Кабинетот на Претседателот на РМ, на средбата биле одредени таргет-државите кои би требало да се посетат во наредниот период, со цел меѓусебно интензивирање на контактите и унапредување на правната рамка, создавање соодветни услови за потенцијалните инвеститори, како и услови за пласман на македонски производи.
– Претседателот Иванов изрази подготвеност за поддршка и помош на владиниот тим во насока на воспоставување контакти со одредени земји кои се потенцијални инвеститори во Република Македонија, обезбедување информации за пристап до меѓународните пазари и олеснување на извозно ориентирани компании во наоѓање на странски деловни партери. Македонскиот претседател информираше дека средба со иста цел ќе биде остварена и со претставниците на македонската бизнис-заедница чии компании се извозно ориентирани со цел да ги слушне и нивните потреби и интереси, по што Кабинетот на Претседателот ќе пристапи во реализација на договореното, со подготовка на посети на држави кои се одредени како приоритетни, соопшти претседателскиот Кабинет.
Претседателот Иванов и досега практикува на маргините на сите негови официјални и работни посети на држави да се организираат бизнис-форуми на кои се презентираат можностите и поволностите за инвестирање во Република Македонија.
– Согласно изборната програма, македонскиот претседател врши редовни консултации со претставниците на бизнис-заедницата и со релевантните министерства, за тоа каде може да се пласираат македонските производи во светот. Во насока на унапредување на македонската економија, при секоја службена и официјална посета во странство, како дел од делегацијата на претседателот Иванов се селектираат и млади претприемачи, предложени од претпријатијата и од стопанските комори, информира Кабинетот на претседателот Иванов.
Министерот без ресор Горан Мицковски, кој присуствуваше на состанокот на претседателот Ѓорге Иванов со економскиот тим на Владата, ја поздрави иницијативата на шефот на државата за координирање на активностите за да се засили економската агенда.
– Ова е еден обид да ги координираме неговите активности со нашите активности – економскиот тим на министри во Владата, со цел посетите кои претседателот ќе ги прави да бидат попродуктивни од економска гледна точка и овозможуваат поголем пристап за странски инвеститори за Македонија и македонскиот бизнис, изјави Мицковски.
Според него, целиот економски тим дава резултати во привлекувањето странски компании во земјава, кои отвораат нови работни места. Некои проекти за влез на нови компании, рече тој, се објавени, а дел ќе бидат објавени и ќе се реализираат во наредниот период.