Благодарение на владината мерка за вработување млади до 29 години стотина доктори на науки и магистри се вработиле.
Од вкупно околу 5000 нови вработени над 1200 се лица со завршено високо образование. Резултатите кои ги дава мерката се над очекувањата. За осум месеци од примената аплицирале 2868 фирми за вработување на 5103 лица – 4940 веќе работат за останатите процедурата за вработување е во тек, пренесува Економски.мк.
– Мерката се применува на територијата на цела Македонија. Нема подрачна единица каде што нема вработено лице според неа. Регистрирани се вработувања на над 3000 лица со завршено средно училиште, 1220 лица со факултет, 93 доктори на науки и магистри и над 600 лица со завршено основно училиште, вели за порталот, владиниот портпарол Алексадар Ѓорѓиев.
Мерката која почна да се применува во март годинава предвидува ослободување од плаќање персонален данок и придонеси за вработување на лица до 29 години. Ослободувањето важи за исплатена просечна плата во тек на една година, а лицето мора да остане на работа две години.
-Ослободувањето за работодавачот по основ на социјални давачки и персоналец изнесува 37% по исплатена бруто плата. Овие пари можат да бидат искористени за други намени. Затоа апелираме до работодавачите да ја користат оваа можност која е поволна и за нив и за невработените, вели Ѓорѓиев, пренесува Економски.мк.
За поттикнување на младите невработени Агенцијата за вработување нуди и поволни кредити. Преку мерката кредитирање за самовработување на лица до 29 години, кредитите можат да достигнат до 23.000 евра за пет новоотворени работни места. За мерката кредитирање за вработување, работодавачите можат до добијат кредит во висина од 12.000 евра за максимум три новоотворени работни места.