Владејачките партии ќе влезат во разговори со опозицијата за да обезбедат поддршка за предлог Законот за јавно обвинителство и да обезбедат иднина за Специјалното јавно обвинителство.
Предлог законското решение денеска е усвоен на владина седница, по што ќе биде испратено на одобрување во Собранието. Предлогот предвидува Специјалното обвинителство да стане дел од Јавното обвинителство и со тоа мандатот на институцијата предводена од обвинителката Катица Јанева да стане постојан дел од правосудниот систем во државава.
Премиерот Зоран Заев вели ќе се обиде да ја убеди опозицијата уште една да најдат консензус околу специјалното обвинителство и заеднички да го донесат новиот закон.
„Очекувам дека за овој закон треба и мора да се постигне консензус. Секако има секаков вид на очекувања, но редот е сите заедно да му дадеме поддршка“, вели Заев кој истакна дека СЈО и понатаму ќе ја задржи својата финансиска автономност
Од ВМРО ДПМНЕ велат дека прво ќе мора да го видат предлог законот па потоа да одлучат дали ќе го поддржат. Партијата планира да го разгледува предлогот низ своите партиски тела и да формира став на седница на Извршниот одбор закажана за утре вечер.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Никола Мицевски вели потребно е лидерите на политичките партии застапени во Собранието да седнат повторно на заедничка маса и да ја одредат иднина на СЈО.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски пред околу една недела во интервју на 1ТВ истакна дека за партијата неприфатливо е обвинителката Катица Јанева да остане на чело на оваа институција. Според Мицковски, Јанева го користи Специјалното обвинителство единствено за да врши политички прогон врз опозициската партија.
“ Во ова студио седеше специјалната јавна oбвинитeлкa Катица Јанева кога кажа дека сум бил кај неа на состанок. На тој состанок имаше уште еден господин. Кога прашав зошто е замрзнат имотот на ВМРО-ДПМНЕ, таа ми одговори: Поддржете го продолжувањето на СЈО, ќе ви го одмрзнам имотот. Тоа е право и правдина, со уцeнa. “
Заев најави дека поддршка ќе бара и од осумтемина пратениците од Независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ. Но, нивниот став е дека иднината на СЈО треба да се решава низ истиот процес како што и беше формирано ова тело – со меѓупартиски договор на четирите најголеми политички партии од власта и опозицијата.
Сметаат дека предлог законот треба да биде донесен со консензус за да не стане уште една причина за поделби.