Власта без одговорност за смртноста кај новороденчињата

Низата трагедии што ја потресоа македонската јавност со големата смртност на новороденчиња, не предизвикаа чувство на одговроност кај Владата и премиерот Зоран Заев кој води кампања пред локалните избори, а неговите министри ја одбегнуваат одговорнсота обидувајќи се да ги забошотат трагичните случаи.

СДСМ ветуваше дека ќе донесе живот во Македонија, а наместо живот донесе смрт, коментираа во средата медиумите. Пред неколку дена две ипол-годишно детенце го загуби животот на Детска клиника. Според неофицијални информации, детето веднаш не било пренесено на интензивната нега, бидејќи немало место. Телевизијата Канал 5 веќе објави дека токму на интензивната нега се располага само со шест места за итни деца, што за Курир.мк го потврди од шефот на одделот Лилја Којиќ.

Случајот со починатото детенце на Детска клиника е само една од низата трагедии кои ја потресоа цела јавност, откако Зоран Заев е премиер, а неговите луѓе се поставени како директори на клиниките.

Додека премиерот Заев си тера кампања, во македонското здравство се случува вистински хорор и хаос. За жал, смртните случаи во болниците стануваат сѐ почеста појава, никој од одговорните сѐ уште нема понесено никаква одговорност.

Минатата сабота во тетовската болница почина триесетгодишна родилка, а неколку дена подоцна почина и бебето, кое беше беше префрлено во Детската клиника во Скопје. На родилката која заврши трагично во тетовската клиника ова и било втора бременост.

Шест дечиња ги загубија животите за само неколку дена во месец август. Четири новороденчиња починаа на ГАК, две ипол-годишно детенце во Охрид и седуммесечно бебе во Струга. Црниот биланс е поголем, вкупно 9 дечиња ги загубија животите за само два месеца.

Владата не сака да понесе одговорност, додека повеќе семејства се завиени во црно, голем број на родители стравуваат за иднината на сопствените деца, а јавноста бара некој да одговара за црниот биланс.

Дури и најжестоките поддржувачи на Заев и неговите политики, излегоа со остри пораки за ваквиот игноранстки однос на Заев и неговите министри пред големите трагедии.

Со низа критики за постапките и непревземањето одговорност од страна на Заев и за неговите луѓе излезе и Сашо Орданоски. Тој во колумна насловена како „Живот за сите, освен за бебињата?!“, удри по политичарот чии постапки со години јавно ги фалеше и поздравуваше.

„Во нормални држави, кога ќе ви умрат 130 бебиња за неполни десет месеци во главното државно породилиште во земјата, се одлагаат сите други активности и се решава тој проблем ИТНО и БЕЗ ОДЛАГАЊЕ! Само во Македонија може да се случи надлежниот министер (за здравство) да се даде во нова изборна кампања, додека има криза од ваков обем во ресорот, а притоа да се надева и дека ќе ги добие изборите! И само во Македонија премиерот ветува здравствени ДОНАЦИИ, качен на бина на предизборен митинг – дополнителен популистички митингашки безобразлук е што тоа ќе го направел со парите заработени од продажбата на ‘мајбахот’ на Грујо! Па, каков ‘Живот за сите’ ветува Заев по митинзи, кога ни/му умираат бебиња по државни инкубатори како да се вински мушички?! И кои се тие други приоритети во државата, за надлежното Министерство да не може да набави – без тендер! – толку нови инкубатори (20, 50, 100?) колку што се неопходни. Всушност, зошто веќе ВЧЕРА, итно и без одлагање, не се набавени тие неопходни апаратури?!“, напиша Орданоски.

Деца умираат низ клиниките, а Заев си собира политички поени на митинг говорејќи за „мерцедесот“. На митингот во Скопје најави дека со парите од овој автомобил ќе купува амбулантни возила, сакајќи пред јавноста да покаже дека, ете, се грижи за здравството.

По секоја трагедија, Заев молчеше и згора на тоа се обидуваше да го забошоти случајот за да се спаси себеси и неговите соработници од одговорност. Во друга држава, премиерот лично ќе бара одговорност, ќе ги истражи случаите, а ако се докаже дека во прашање се грешки на луѓето кои сам ги постави на функции, треба да си поднесе оставка. Но, Заев е зафатен со одржување на митинзите и за големите потресителни трагедии, очигледно нема време.