Власта го повикува СДСМ да ја поддржи стратегијата за следните 25 години

Мицкоски ја фрли ракавицата кон СДС, останува да се види дали СДС ќе ја надмине политиката на водење на Македонија од ден за ден

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ го повикува СДСМ да се приклучи во изработката на сеопфатната стратегија за развој на Македонија во наредните 25 години. Во париското соопштение утрово ВМРО-ДПМНЕ потсетува на вчерашниот повик на премиерот Христијан Мицкоски кој истакна дека е време за сериозен проект, затоа што на македонското прашање му е потребна енергија.

„Станува збор за проект кој Владата ќе се обиде да го договори со МАНУ и со универзитетската заедница. Идејата е проектот да биде сеопфатен и преточен во стратегија на државата до 2050 година. Целта на овој проект е да се дефинираат приоритетите на развој на државата, демографските предизвици, економските цели, и како да се стигне до нив, земјоделскиот, технолошкиот, енергетскиот и транспортниот развој“,  рече вчера Мицкоски на одбележувањето на 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.

Ракавицата од Мицкоски е фрлена кон СДСМ, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Мицкоски потенцираше дека мора да ги користиме знаењата на сите кои можат да помогнат, дека мора да се обединиме и да поставиме долгорочни цели за развој на државата. Тој додаде дека потоа ќе побара широк партиски консензус за прифаќање на таа стратегија, затоа што на државата тоа ѝ недостасуваше со години. СДСМ сега треба да се надмине, да заборави на приоритетите на поединци, на партиските приоритети и да подаде рака за развој на државата после сите погубни политики кои ги водеа во последните седум години. СДСМ мора да ја надмине кратковидоста и да прифати државна стратегија, бидејќи само така Македонија ќе може да оди напред“, повикува ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата порачуваат дека на граѓаните им е потребна е стратегија и дека им е преку глава е од водење на државата „ден за ден“.

„Останува СДСМ да покаже што му е поважно, лични и партиски интереси или Македонија!“, се вели во партиското соопштение.