Власта наместо да произведува струја во Македонија, ја купува од странски држави по енормно високи цени, обвини Митева

Директорот на државнито енергетски оператор Васко Ковачевски и неговиот партиски шеф во СДСМ и премиер Димитар Ковачевски, ја донесоа Македонија во состојба на недостиг од електрична енергија и несигурност дали фирмите ќе може да ја платат струјата без да отпуштаат работници, изјави во саботата на прес-конферемција Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.

Притоа посочои дека договорот за снабдување со струја од Бугарија, во количесво од околу 5 гигавати дневно, по цена која циркулира во јавноста од 400 евра по мегават час, ќе ја чини Македонија, односно македонските фирми два милиона евра секој ден.

„Оваа струја, доколку се произведеше во Македонија, доколку работеше РЕК Битола и Осломеј со полн капацитет, ќе чинеше не повеќе од 60 евра по мегават час, а во ТЕЦ Неготоно не повеќе од 170 евра по мегават час. Односно струјата која што Македонија ќе ја купува од Бугарија е за од три до шест пати повисока цена“, рече Митева.

Според пресметките во партијата, така за период од 180 дена, колку што ќе трае договорот за увоз, на Бугарија ќе ѝ бидат исплатени над 360 милиони евра.

„Струјата од 200 мегавати на час, е струја која може да се обезбеди од третиот блок во РЕК Битола, доколку власта обезбедеше јаглен и го оспособеше истиот. Тогаш наместо 2 милиона евра дневно за струја, ќе се трошеа не повеќе од 350 илјади евра. А за целиот период наместо 360 милиони евра, македонските фирми за струја ќе потрошеа не повеќе од 60 милиони евра“, истакна портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ.

Митева посочува дека истата струја од Бугарија, можеше да се супституира со вклучување на втората турбина во ТЕЦ Неготино, доколку се обезбедеше за неа навремено мазут, со што ќе се добиеја 110 мегавати, а за дополнителните 90 мегавати ќе можеше да се надоместат од ТЕ-ТО, доколку исто така навреме се снабдеше државата со гас по нормална цена.

„Во овој случај доколку бизнисот се снабдуваше со овие 200 мегавати на час наместо од Бугарија, од ТЕЦ Неготино и ТЕ-ТО, струја ќе го чинеше бизнисот милион евра дневно, наместо 2 милиони евра како што е најавата за сега.  Фирмите немаше да плаќаат скапа струја, доколку претходно владата не се трудеше да става провизии на увозот на јаглен и мазут и навремено се снабдеше. Струјата ќе беше поефтина и доколку владата навремено преговараше за закуп на дел од производството, како што сега го прави во Бугарија во истата или во некоја друга држава, но тоа да го направеше пред половина година, а не како сега во 12 и пет минути“, заклучи Митева и додаде дека поради таквите планови на власта за справување на енергетската криза сега илјадници фирми ќе бидат пред затворање.