Власта распиша избори затоа што го загуби легитимитетот

Оваа Влада мислеше дека ќе добие датум за преговори за Европската унија без да спроведе реформи, и уште на сето тоа се случија низа скандали кои не можат да се не забележат. По ова власта го изгуби легитимитетот, распиша избори, и се соочи со нов проблем, што ќе ветат на граѓаните бидејќи сменија име, а датум не добија, рече меѓу другото анлитичарот Владимир Божиновски кој во понеделникот вечерта гостуваше во емисијата „Само вистина“ на телевизијата Канал 5.

„Владата идеше исклучиво на картата добивање датум и ништо повеќе. Еден куп работи, еден куп реформи требаше да се спроведени, не беа спроведени. Еден куп скандали се случија, значи не е само „Рекет“ скандалот, него претходно колку скандали имаше, цела редица. Еден по друг се ниже, и сето тоа се покриваше на еден начин датумот, датумот“, појасни Божиновски.

Додаде дека тука е и начинот на кој што беше променето името во Собрание, начин на кој што беше спроведе референдумот. И начинот на кој што беше договорен референдумот, самите преговори и сето тоа се покриваше со кршење на Устав, кршење на Собраниски деловници. Тука е и законот за двојазичност како помина. Значи имаше сериозен упад на Уставот и законите. А, Уставот и законите се основата за функционирање на државата.

„Ако тој што ги донел Уставот и законите не ги почитува, тогаш што да каже обичниот граѓанин. И сето тоа беше фрлено на картата датумот-датумот. Се заборави на се друго. Се беше фокусирано на датумот и сега кога не го добивме датумот, едноставно се изгуби причината за владеење на актуелната власт. Им се изгуби легитимитетот, се потпираа односно целиот свој легитимитет на владеење и одлуките ги носеа ги базираа на тој датум“, нагласи Божиновски.