Финансиска поддршка од Владата за граѓаните да ги заменат старите нееколошки печки со извори на топлина кои се еколошки се дел од мерките кои ќе бидат спроведени со новата програма на Владата за намалување на загаденоста, најави заменик министерот за животна средина, како раководител на интер-ресорската група за справување со загадувањето Јани Макрадули.
Владата ќе ја помогне замената на старите нееколошки печки со еколошки. Некој ќе се грее на парно, некој на гас, некој ќе има енергетски ефикасен објект, а некои печки ќе бидат заменети со инвертери. Ние ќе интервенираме со финансиска помош, односно дел од финансиските средства ќе ги даде владата – рече Макрадули одговарајќи на новинарско прашање дали прво треба да се зголеми стандардот на граѓаните, па потоа да се решава прашањето за затоплувањето на домаќинствата.
Тој го објасни двегодишен план за справување со аерозагадувањето и рече дека станува збор за план во рамки на кој ќе бидат преземени низа активности, а со овој план очекува загадувањето да се намали за 50 проценти.
Макрадули наведе дека досега се обезбедени 98 милиони денари од буџетот, но дека очекуваат средства од домашни донатори за да се спроведе планот – како на пример од Шведска, Јапонија и САД. Макрадули не беше конкретен за колкави средства станува збор.
Не сакам да лицитирам, рече Макрадули, но спомена дека шведската агенција СИДА треба да издвои 2,5 милиони евра со кои се очекува да се поправат мерните станици кои не функциониираат и да се обноват останатите.
Владината програма инаку предвидува со закон да се забрани јагленот како извор на затоплување. Макрадули ги повика невладините еколошки организации да се вклучат во реализирање на владината програма како би се убедиле граѓаните да користат еколошки извори на загревање.
Има примери во Европа каде невладините организации тропале од врата на врата и им укажувале на граѓаните дека јагленот е штетен за нивните деца. Забраната на јаглен е драстична, но корисна мерка, која треба да се искористи за заштита на животната средина – рече заменик министерот.
Според Макрадули четири различни анализи од различни држави и експерти покажале дека загревањето на домаќинствата учествува со над 40 отсто во загадувањето.
Во услови кога најголем дел од граѓаните се справуваат со егзистенцијални проблеми, како би купиле еко-печки, на ова прашање заменик министерот Макрадули рече дека владата ќе помогнела со субвенционирање. Но тој додаде дека и таа активност е предвидена за следната година.
На прес-конференцијата пред почетокот на донаторскиот состанок иако беше најавено да зборува и Министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку, но тој не се појави пред новинарите.
Но, од владата велат дека за нејзиното спорведување им се потребни средства, поради што денеска беше презентирана на донаториски состанок.
Програмата, предвидува и поврзување на државните институции на централно греење.