Власта свесно го уништува РЕК Битола, обвинува ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ денеска прашува дали власта на СДСМ и ДУИ сака свесно да го уништи РЕК Битола со тоа што поставиле несоодветни луѓе на раководните места во комбинатот или сака да распише уште еден криминален тендер за санација на штетата, откако се случи колапс на РЕК Битола.

–  Криминалната власт на ДУИ и СДСМ треба да им одговори на граѓаните: Дали на повидок е нов криминален тендер за санација на штетите во РЕК Битола? Колку ќе платат граѓаните за набавената скапа интервентна електрична енергија за да функционира енергетскиот систем, додека се вон функција се Блок 1,2,3? Колку чини неработењето на аматерскиот менаџерски тим дојден во РЕК Битола, ако се знае дека во последните 20 дена имало повеќе од 5 вклучувања, а едно вклучување е околу 500.000 евра?- прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата обвинуваат дека наместо да се произведува струја од РЕК Битола, поради несоодветниот раководен кадар во Комбинатот, државата е доведена да увезува скапа струја, се со цел да не дојде до поголема хаварија на постројките без внатрешно напојување.

– Додека директорот хармоникаш пее и лумпува по кафани во РЕК Битола се случува тотален колапс, надвор од функција се трите блока. Додека се случуваа оваа хаварија во РЕК, директорот си ја работи својата вистинска професија свирејќи на хармоника и лумпувајќи по кафани. Ова е вистинската слика во енергетскиот систем – кога музикант ќе го поставите за директор на најголемиот енергетски субјект во државата – колапс – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека сега е важно оваа власт да биде поразена  за да има одговорност за овој хаос.

-За ваквиот хаос и колапс во енергетскиот систем, за целиот криминал направен во РЕК Битола, за минимумот во хидро – потенцијалот, за хакерските напади во МЕПСО, за нефункционалноста и лошото ремонтирање на другите производствени капацитети за производство на електрична енергија, многу скоро ќе има одговорност. Никогаш не било полошо, важно е да ги поразиме – велат од ВМРО-ДПМНЕ.