Власта тврди дека фирмата на русинот Савидис не е негова – еве докази дека тој е сопственик

Потреба за координација на мрежата на рускиот финансиер Иван Савидис, кој е близок до Владимир Путин и Владата на Република Македонија, предизвика истражувањето на „Економски Лидер“, кое беше објавено вчера.

Кратко по објавувањето на истражувањето, владиниот портпарол Миле Бошњаковски излезе со стандардното тврдење дека се работи за „лажна вест“ и без воопшто да изнесе аргументи што не е точно, само рече дака компанијата „СЕКЕ“, која е во сопственост на Савидис, ќе прати соопштение со демант. Ако нема никаква поврзаност помеѓу власта и бизнисменот близок до Владимир Путин (како што тврди Бошњаковски), како тој се искоординирал со компанијата за помалку од еден час? Ова e прашањето кое виси по неговата изјава, пишува „Лидер“

– Информацијата објавена на порталот Лидер со наслов „Заев вмрежен со рускиот бизнисмен кој финансира про-руски партии и протести!” е целосно неточна и е лажна вест. Премиерот Заев нема никаква поврзаност со компанијата од текстот. Наскоро соопштение од компанијата „Секе“ од Крушево – објави Бошњаковски на Твитер.

Кратко по нарачката на Бошњаковски,  од „СЕКЕ“  демантираа дека Заев е поврзан со Савидис, но во исто време демантираат дека тој е сопственик на нивната компанија.

–Компанијата „СЕКЕ“ АД Грција, чиј полн назив е КООПЕРАТИВНО ЗДРУЖЕНИЕ НА ТУТУНО-ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА ГРЦИЈА СЕКЕ АД, е основана во 1947 година и до денес ја нема променето својата сопственичка структура. Доколку постоеше добра и аргументирана намера на авторот на текстот, тој секако ќе се соочеше со информацијата дека компанијата која е во сопственост на рускиот бизнисмен Иван Савидис има назив „СЕКАП“ АД ГРЦИЈА (SEKAP SA) и претставува потполно различен субјект кој нема никаква поврзаност со СЕКЕ АД Грција – стои во соопштението на СЕКЕ, објави „Лидер“.

Кратката проверка на интернет целосно ги фрла во вода тврдењата на „СЕКЕ“, за тоа дека компанијата нема сопственичка структура поврзана со Савидис. Имено, на вебсајтот на компанијата која тие ја посочуваат, јасно стои дека се работи за сопственост на Савидис. Како содружници во компанијата се споменуваат токму нивната компанија „СЕКЕ АД ГРЦИЈА“, заедно со банката АТЕ, и Донски Тобако, а сите се сопственост на Савидис, пишува „Лидер“

 

Доказ дека „СЕКЕ“ е сопственост на Иван Савидис

Дека „СЕКЕ“ и „СЕКАП“ имаат заедничка партнерска, сопственичка структура потврдуваат и грчките медиуми. По што станува јасно дека власта и високи функционери се вплеткани во мрежата на Иван Савидис.

Дека „СЕКЕ“ е на Савидис, пишуваше и бугарскиот медиум 24 часа, а на истата тема пишуваше и провладиниот неделник „Фокус“, според кој надлежни институции во земјава испитуваат дали Савидис е поврзан со две компании со странски капитал што дејствуваат во тутунскиот сектор во Македонија.

Заев вмрежен со рускиот бизнисмен кој финансира про-руски партии и протести!

Вмреженост помеѓу македонската Влада и висок функционер на партијата ЛДП со компаниите на контроверзниот руски бизнисмен Иван Савидис, кој е посочен како главен финансиер на про-руските активности во Македонија, откри „ Лидер“ во своето истражување за ширењето на руското влијание во земјава.

Истражувањето на „Лидер“, поврзано со Савидис е инспирирано од пишувањата на европската истражувачка мрежа Organized Crime and Corruption Reporting Project (OCCRP) која во јули годинава објави дека според документи од македонското Министерство за внатрешни работи, рускиот бизнисмен, кој живее во Грција, платил 300.000 еврана македонски политичари, членови на новоформирани националистички организации и навивачи за политички активности во земјава.

Савидис се поврзува со финансирање на групи кои работат за интересите на авторитарната Руска Федерација и нејзиниот водач Владимир Путин, а дека мешал прсти во Македонија, кратко по објавата на OCCRP потврди и премиерот Зоран Заев во интервјуото за американската агенција „Базфид“ во кое заборави да каже дека и тој самиот е поврзан со луѓе на Савидис.

-Проруски грчки бизнисмени им плаќале на Македонци од 13 до 21.000 долари за да предизвикаат насилни протести пред клучниот референдум за името. – рече премиерот Заев за „Базфид“.

Четири месеци по оваа изјава на премиерот, од  МВР нема никакви информации за истрагата во која имаше и сведочења како се примале парите од рускиот бизнисмен кој живее во Грција. Од тогаш во јавноста нема никакви детали околу активностите на демонстрантите кои тврдеа и дека истите структури се вмешани во настаните од 27 април.

Савидис сепак е повеќе поврзан со власта на Заев, отколку со навивачите!

Нашето истражување за тоа какви се активностите на мрежата на Савидис во Македонија, покажува дека пред да е поврзан со навивачите, тој е поврзан со Владата, премиерот Заев и висок функционер на партијата ЛДП која е дел од владејачката коалиција.

Компанијата на Иван Савидис, „СЕКЕ АД Грција“ има свој тутунски комбинат во Крушево, кој пред еден месец беше посетен токму од премиерот Заев. Претходно Заев говореше дека рускиот бизнисмен финансира протести, за потоа да ја фали неговата компанија како успешен пример.

Повеќе за темата прочитајте на „Економски лидер