Белоруските власти најавија отворање на кривична постапка за поткопување на националната безбедност против опозицискиот „координативен совет“ формиран за промовирање на транзицијата на власта по спорните претседателски избори на 9-ти август.
„Целта на формирањето и активностите на таков совет е да ја преземе власта и удар врз националната безбедност на Белорусија“, изјави главниот државен обвинител Александар Коњук во видеото објавено на социјалните медиуми.
Тој најави отворање на истрага за „повици за дејствија за поткопување на националната безбедност“, за што казните се меѓу три и пет години затвор.
Опозицискиот „Координативен совет“ за прв пат се состана вчера и повика на нови претседателски избори во согласност со меѓународните норми и итни преговори со властите.
На советот присуствувале и добитничката на Нобеловата награда за литература Светлана Алексиевич и директорот на Виасна, најголемата белоруска организација за човекови права Алеш Бијалијаски.
Претседателот Александар Лукашенко го нарече формирањето на Советот „обид на опозицијата да ја преземе власта“. Тој се закани дека ќе „излади некои жешки глави“.