Властите во Непал ги повикаа странските спасувачи да си одат дома

Владата во Непал денес ги повика странските спасувачи во Катманду, кои што ги спасуваа луѓето од под урнатините да се вратат дома, затоа што нивната мисија е завршена.

Министерот за информации во Непал, Минендра Риџал изјави дека големата работа за спасување во Катманду и околните подрачја е завршена и дека преостанатата работа ќе ја завршат локалните работници.

– Голем дел од работата не е завршен во селата и зафрлените планински подрачја каде странските хуманитарци би можеле да работат заедно со локалната полиција и војската, додаде миснистерот Риџал, пренесува агенцијата АП.

Инаку денеска би требало американските транспортни авиони да започнат со превоз на спасувачки тимови и помош во оддалечените подрачја на Непал, девет дена по разорниот земјотрес.

Инаку по разорниот земјотрес што го погоди Непал на 25-ти април, во земјата дошле 4.050 спасувачи од 34 земји за да помогнат во операциите за спасување и им била обезбедена итна медицинска помош заедно со дистрибуција на храна и други потребни производи.

Бројот на загинати во земјотресот се искачи на 7.276 и има 14.000 повредени, а властите велат дека тоа не е конечен број и стравуваат дека тој број дополнително ќе се зголеми откако спасувачите ќе успејат да стигнат до зафрлените делови на Непал.