![asanz](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/08/asanz.jpg?resize=640%2C384&ssl=1)
Здравјето на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, неодамна е влошено и се очекува тој да ја напушти амбасадата следните седмици.
Тоа за Блумберг го изјавија неименувани извори.
Асанж престојува во амбасадата на Еквадор од 2012 година и неговата слобода надвор од амбасадата не е гарантирана, пренесе Блумберг.
Му се заканува апсење поради неплатена кауција во Лондон и иако американските обвинители не поднесоа обвинение против него ризикот во САД за него е голем.
Асанж не беше одвоен од светот иако цело време е во амбасадата, а дипломатските напори да се преговара за неговото излегување се двојно посилни сега поради неговата лоша здравствена состојба, и поради нетрпението на Еквадор.
Претседателот на Еквадор Ленин Морено, го нарече Асанж „камче во чевла“ и наследен проблем.
Тој во неодамнешната посета на Лондон рече дека единствено што сака е гаранција дека животот не му е загрозен.
Асанж најде прибежиште во амбасадата на Еквадор во Лондон откако шведските власти го обвинија за сексуален напад.
Иако обвинението е отфрлено, тој и понатаму стравува од испорака на САД каде го бараат поради објавување тајни дипломатски депеши.