Влошена е здравствената состојба на Јордан Камчев, префрлен на Кардиологија

66

Правниот тим на Јордан Камчев испрати известување за неговата здравствена состојба.

Соопштението ви го пренесуваме во продолжение:

Денеска, за време на редовната посета на КПУ затвор Скопје, г-динот Јордан Камчев повторно се пожали на своите бранители на влошена здравствена состојба. Имено, во текот на вчерашната вечер Камчев во затворот имал гушење, голема главоболка и се чувствувал многу лошо, но во КПУ затворот во Скопје во моментот немало дежурен лекар за да го прегледа и интервенира па поради сериозноста на состојбата викната е брза помош, констатирано е зголемен крвен притисок и на г-динот Камчев му е дадена соодветна, моментална терапија.

Утрово, и покрај примената терапија од брзата помош во текот на вчерашната вечер, Јордан Камчев повторно бил во лоша здравствена состојба и со возило на брзата помош е пренесен на Клиниката за кардиологија во Скопје.

По реакција на лекарскиот тим на Клиниката за кардиологија во Скопје и по стабилизирање на состојбата на г-динот Камчев тој е вратен во КПУ затвор Скопје каде што ја издржува мерката притвор.

Неколкупати како одбрана реагираме на сериозно влошената здравствена состојба на г-динот Јордан Камчев, која што очигледно продолжува да се влошува поради непостоење на соодветни медицински и санитарни услови за третирање на неговата здравствена проблематика. Со фамилијарен историјат на кардиоваскуларни болести, г-динот Камчев од својата 15та година прима соодветна терапија за оваа здравствена состојба, а пред само десетина дена поради влошување на состојбата тој пет дена беше хоспитализиран на Клиниката за кардиологија во Скопје.

Сериозноста на здравствената состојба и ризикот кој постои по неговото здравје поради неможноста истата да биде соодветно третирана во затворот е докажана и од четири различни, релевантни медицински институции и со сета останата документација е уредно доставена до Судот.

Адвокат Сашо Бошков

Адвокат Александар Михајлоски

Адвокат Гоце Ристески

(дел од Правната одбрана кои денеска биле во посета на г-динот Јордан Камчев)

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.