Вложувањата во неживотни осигурувања пораснаа за 10 отсто и достигнаа 90 милиони евра во петте месеци

И во првите пет месеци годинава, како и претходно, најпопуларно осигурување останува приватното здравствено осигурување, а најголемо добролно осигурување е осигурувањето на имот. Значаен раст има и кај вложувањата во каско осигурување. Од настанати штети покриени со осигурување во овој период граѓани, компании и институции наплатиле речиси 32 милиони евра, соопштија од Агенцијата за супервизија и осигурување, АСО.

Вложувањата во сите неживотни осигурувања за првите пет месеци година (јануари-мај) надминаа 5,5 милијарди денари (89,6 мил.евра). Вредноста на вложувањата во осигурување на граѓани, институции и компани годинава пораснала за 10 отсто во споредба со истиот период минатата година, покажуваат официјалните податоци на АСО.

Во овој период расте и вредноста на исплатените штети покриени со осигурување. За првите пет месеци годинава осигурениците наплатиле 1,95 милијарди денари (31,7 мил.евра) од осигурителните компании. Вредноста на исплатените осигурени штети годинава е за 6 отсто повисока во однос на претходната година.

Клучните индикатори за вложувања во осигурување и за исплатени штети покажуваат дека индустријата бележи континуиран раст. При тоа расте обемот на осигурување, бројот на осигурени лица, ризиците превземени во осигурување како и вредноста на исплатените осигурени штети. Трендот докажува дека активностите на АСО во континуитет обезбедуваат предуслови за раст на продажбата на осигурување, но и зголемена заштита на осигурениците.

Од доброволните осигурувања најбаран и најбрзорастечки производ и понатаму е приватното (доброволно) здравствено осигурување. Во првите пет месеци во полиси за здравствено осигурување се вложени  687,7 милиони денари (11,2 мил.евра) Во споредба со истиот период лани вложувањата во здравствено осигурување се зголемени за 35 отсто.

Солиден раст има и кај каско осигурувањето на моторни возила. За пет месеци осигурителните компании продале полиси во вкупна вредност од 543 милиони денари (8,83 мил.евра) што е за 17 отсто подобар резултат од истиот период лани.

Најголема доброволна класа, според обемот на вложувања, останува да биде осигурувањето имот. За овој период граѓани, институции и компании вложиле 1,22 милијарди денари (19,82 мил.евра) и тоа е минимално зголемување за 2 отсто во споредба со претходната година.

Од најголемата класа, која воедно е задолжителна со закон, а тоа е осигурувањето од автомобилска одговорност (АО) во првите пет месеци компаниите инкасирале 2,21 милијарда денари (36 мил.евра). Вложувањата во ова осигурување пораснале за 7 отсто во однос на лани, а тоа се должи на зголемениот број осигурани возила во однос на истиот период лани.

Во првите пет месеци годинава компаниите за осигурување со своите клиенти склучиле над 676.000 договори за прием во осигурување. Бројот на склучени договори годинава пораснал за 5 отсто во однос на истиот период минатата година. Најмногу договори за осигурување, над 305.700, се склучени за осигурување од незгода. Тоа е производ наменет за колективно осигурување на вработени и ученици со кое се покриваат повреди на или надвор од работно место или училиште, информираат од АСО.