Власта на Зоран Заев, како и во секој аспект од своето владеење, така и во земјоделието создаде мафија, во овој случај зелена мафија. Оваа мафија го девалвира трудот на земјоделецот и ја руши цената на македонскиот земјоделски производ, реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, на изјавата на лидерот на владејачката СДСМ пред земјоделците во прилепско.
„Во текот на овие три години, речиси да нема ниту еден сегмент од земјоделието да не се соочи со проблеми, а власта на заев наместо да нуди решенија и да се справува со проблемите, беше фрлена на криминал и корупција, се истакнува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека Заев и СДСМ на земјоделците им ветуваа загарантиран откуп, високи цени и нови пазари, а наместо тоа производителите мораа да го палат тутунот, јаболката, раноградинарските производи, лубениците беа фрлани на буниште, млекото истурано по патиштата.
„Кога земјоделците дојдоа на протести, полициски оклопни транспортери беа поставувани пред владата за да го штитат Заев од народот. Бедно и срамно“, велат од опозицијата.
Истакнуваат дека ткн интеревентен фонд во земјоделието, кој Заев го најавуваше во 2016 година со кој требаше да бидат обештени земјоделците во услови на непогоди или ниски откупни цени., никогаш не се оствари.
„Едно исто земјоделското земјиште го доделуваа на двајца различни субјекти, а субвенции и државна помош добиваа лица од партиски списоци или блиски на функционери на СДСМ“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се наведува и дека земјоделците виделе „на дело што значи неодговорната и неспособната власт на Заев“ и се убедени дека затоа поддршката ќе ја дадат на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи веруваат во оваа партија како сигурен партнер во развојот и унапредувањето на земјоделието.