ВМРО-ДПМНЕ бара државата да им ја врати разликата на тие што се лекувале приватно од ковид

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе поднесе Предлог закон за дополнување на Законот за здравствена заштита со кој се предвидува рефундирање на разликата во цената помеѓу приватното и државното здравство на граѓаните кои се лекувале од ковид-19 во приватните болници.

– Дополнителено, предлагаме сите кои нема да можат да бидат примени во државна установа да можат да отидат во приватна болница, каде ќе бидат лечени по цени исти како и во државното здравство. Со дополнувањата на Законот за здравствена заштита ќе предвидиме граѓаните со хронични и останати болести, кои повеќе од 60 дена се на листа на чекање за некоја операција или друга здравствена, дијагностичка и интервентна услуга во државното здравство, да можат да отидат во приватна болница, а услугата да ја платат по цена како во државното здравство – изјави Петар Ристески, пратеник на  ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата смета дека под итно мора да се излезе во пресрет на граѓаните и со овој предлог на закон да се помогне финансиски и на граѓаните кои се заразиле со ковид-19, но и на оние кои што се мачат со некоја друга хронична болест, а поради пандемијата предолго се ставени на листата на чекање.