Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата денес во Собранието на Република Македонија ќе поднесе Информација со цел да се разјасни катастрофалната и конфузната состојба во која се наоѓа Судскиот совет на Република Македонија, а која доведе до противуставно и противзаконско разрешување на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Поднесувајќи ја оваа Информација до Собранието, ние бараме итни и брзи одговори од најодговорните кои го доведоа Судскиот совет до ниво на приватна и лична алатка за меѓупартиски и меѓукоалициски препукувања и пазарења, но и од оние кои претходно дадоа поддршка на Весна Дамева, Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Тања Чачарова-Илиевска и Миљазим Мустафа кои се избрани токму овде во Собранието, од колегите од владејачкото мнозинство.Партизацијата која ја спроведува власта на Судскиот совет и македонското судство во целост, сега конечно излезе на виделина.
Скандалозното “разрешување“ на Претседателот на Судскиот совет, Весна Дамева, од страна на нејзиниот заменик Селим Адеми, без никаква процедура, спротивно на Устав, Закон и Деловник на Судскиот совет, е само еден од доказите дека во Република Македонија нема владеење на правото, нема почитување на Устав и Закони, туку само слепо извршување наредби од политичките партии на власт.
За потсетување, уште во 2019та година, при изборот на Весна Дамева за член на Судски совет, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ укажуваа дека овој кандидат не е подобен да биде член на Судскиот совет поради тоа што има политичка позадина и активно учество во политичка партија, не само како обичен член, туку како член на органите на партијата на власт, СДСМ.
Дополнително и покрај нашите укажувања, предупредувања и долга дебата овде во Собранието дека Весна Дамева не може да биде член на Судски совет, во декември 2022 година Весна Дамева станува претседател на Судскиот совет, доаѓајќи на местото на Павлина Црвенковска која се повлече од функцијата исто така поради судири и несогласувања помеѓу судско-бизнис елитата. Сега, само неколку месеци подоцна, откако Весна Дамева го води Судскиот совет, целата македонска јавност е сведок на уште еден скандал кој несомнено ќе придонесе довербата на судството да падне и под оние веќе мизерни 3 проценти доверба на граѓаните во судството.
Ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, постојано укажувавме дека вакви кандидати не се подобни да одговорат на функцијата, која впрочем треба независно и стручно да ја извршуваат и да го заштитат угледот и независноста на судството во целина, сепак мнозинството не отстапи од својата намера.Веќе години наназад апелираме и алармираме на сите грешки, сите погрешни кадрови одлуки и сите злоупотреби во судството во Република Македонија, но власта упорно и тврдоглаво си извршува партиски и политички нарачки, без притоа да води грижа за последиците.
Власта постојано ги игнорира пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои како народни избраници постојано пробуваме да укажеме на оваа состојба во судството со цел да се подобри истата, но таа не само што не се подобрува, туку и дополнително се влошува, а разочараноста кај народот е се поголема.
За жал, токму поради ваквото самоволно однесување во изминатите неколку години, судството е речиси распаднато и со рекордно најниска доверба од граѓаните која резултира со мизерни 3 проценти доверба, односно 97 проценти од граѓаните не веруваат во квалитетот на судството и во неговата независност.
Ова се срамни бројки кои никогаш досега ги немало во судството во Република Македонија. Токму затоа, бараме да се преземат сериозни чекори за утврдување на одговорноста за катастрофално ниската доверба во судскиот систем и срамот кој што и е нанесен на Република Македонија.На крајот, бараме да не се заобиколуваат процедурите, да се почитува Деловникот и оваа Информација, како прва точка да биде ставена на наредната пленарна седница закажана на 10-ти мај.
Ова е тема која што не може и не смее да биде игнорирана, се посочува во партиското соопшштение.