Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по изгласувањето на уставните измени побара распуштање на Парламентот и распишување предвремени парламентарни избори кои ќе се одржат заедно со претседателските избори.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека промената на Уставот со цел промена на името, идентитетот, историјата и образованието се направи на противуставен и криминален начин. Тоа е одлука на 81 пратеник, но не е одлука на граѓаните. Сето ова е чин на предавство. Со Договорот се донесува огромна штета и неправда на македонската држава и граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ ќе стори се оваа неправда да биде исправена. Денеска се покажа дека Македонија со Заев губи и ако останат на власт Македонија ќе продолжи да губи на сите полиња. Ова мора да престане, и ќе се промени само доколку овие луѓе си заминат од власт. Бараме распуштање на Парламенетот и одржување на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. На овие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе победи и така волјата на граѓаните ќе биде испочитувана, рече Мицкоски.