Со оглед на тоа дека на сила е Одлука на Владата за енергетска кризна состојба донесена на 09.11.2021 година со рок на траење од 30 дена, истата би требала да заврши на 08.12. 2021 година, рече на прес-конференција пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
-Имено, повеќе од јасно е дека енергетската криза ќе трае подолго од 30 дена и дека ќе треба согласно закон да биде продолжена. Како Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека граѓаните не смеат да бидат жртви на неизвесноста од тоа кои имаат мнозинство во Собранието на Република Македонија и затоа бараме да се закаже седница на Собранието на која ќе биде продолжена енергетската кризна состојба, а ние како пратеничка група со нашето присуство ќе помогнеме за обезбедување на кворум за истата. За таа цел бидејќи сметаме дека Владата неуспешно се справува со оваа криза сакаме да поставиме два услови за самата седница. Најпрво, бараме да се предвидат 250 милиони евра за субвенционирање на електрична енергија на граѓаните и компаниите за да се спречи дополнителен ценовен шок и инфлација. Како второ, бараме да се обезбедат пари за сите општини кои од почетокот до па се до крајот на енергетската криза се соочиле со раскинување на договорите од страна на снабдувачите односно да се покрие разликата меѓу првично склучениот договор и моменталната цена на електричната енергија. Овие средства да бидат обезбедени од Владата и на тој начин да се помогне компаниите и на граѓаните. Сметаме дека ситуацијата е крајно сериозна и не смееме да дозволиме оваа енергетска криза дополнително да го загрозува стандардот на граѓаните кои и онака е лош со оглед на тоа дека веќе две години сме соочени и со здравствена криза која дополнително го влошува животот на граѓаните, истакна Мисајловски.
Наместо Владата да се занимава со пазарење на пратеници за обезбедување на мнозинство ние како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе помогнеме во интерес на граѓаните доколку Владата ги исполни нашите барања кои се од големо значење за анулирање на последниците од оваа енергетска криза, додаде тој.