ВМРО-ДПМНЕ бара второто полугодие да продолжи онлајн

ВМРО-ДПМНЕ бара од власта да ја преиспита одлуката за второто полугодие да почне со физичко присуство на учениците затоа што засилено се шири омикрон варијантата на ковид-19. Партијата и предлага на власта наставата за учениците од четврто до деветто одделение да продолжи онлајн во наредните две недели, а од прво до трето одделение наставата да започне со физичко присуство.

„Уште еднаш ги повикуваме министерот Беким Сали и оваа неодговорна влада предводена од пиунот Ковачевски да ја преиспитаат одлуката за започнување на второто полугодие за учениците во услови кога сојот омикрон коси во државата“.

Во нивното соопштение е наведено дека во текот на изминатата недела поради неспособноста на власта да се справи со пандемијата починале вкупно 180 луѓе. Во него е посочено дека во моментот во државата има скоро 20 илјади активни случаи на корона вирус или колку еден поголем град во Македонија и над 8.300 починати како последица на ковид- 19.