![133541140 Коцијанчич](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/02/133541140-26.jpg?resize=540%2C300&ssl=1)
Коцијанчич само повтори дека е потребен широк консензус и широка коалиција за решавање на престојните предизвици и приоритетните реформи. Госпоѓата Коцијанчич веројатно знае дека од 2002 година наваму, во овие речиси 15 години, само од 2011-2014 година, македонската Влада немаше коалиција од двотретинско мнoзинство во Парламентот. Дури и во тие три години успеваше со дијалог со опозицијата да обезбеди 2/3 за реформските закони особено во судството, и широката поддршка никогаш не беше проблем. Проблемот заради кој не започнаа преговорите со ЕУ, а кој вчера индиректно го спомна е билатералниот спор со Грција. За негово решавање не е потребна широка коалиција во Парламентот, туку минимум политичка волја на Грција земјава да се приклучи на ЕУ, и пред се, поддршка на решението од граѓаните на Македонија на референдум, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Воедно, се додава дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, а подоцна и СДСМ се приклучил на тој став, има јасна политичка обврска кон граѓаните дека каква било одлука и решение поврзано со спорот за името кој Грција го отвори пред 25 години, нема да се прифати без претходна согласност на организиран референдум на кој мнозинството граѓани би дале поддршка.
Спорот за името и блокадата од Грција, а не реформите со години беа единствената пречка Македонија да ги започне преговорите за полноправно членство во ЕУ, се наведува во соопштението.
Според ВМРО-ДПМНЕ, за изнаоѓање решение за спорот за името потребно е, пред се волја од страна на Грција, која во минатото ја немаше. – Единствено ги повторуваа нивните црвени линии кои задираат во нашиот идентитет и демонстрираа моќ со ултимативни барања од позиција на сила. За ова прашање ниту Влада со сите пратеници во парламентот нема да е од помош ако Грција не прифати решение кое мнозинството Македонци и граѓани на Македонија нема да го отфрлат на организиран референдум, посочуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ наваедуваат и дека не добиле одговор ниту на прашањето дали за секое формирање влада во Европа, ЕУ бара на прес конференција широка коалиција, затоа што, посочуваат, такво нешто не постои. Во земјите во Европа, како што наведуваат, тоа би се толкувало како директно мешање на ЕУ во внатрешните демократски и политички процеси кога некој однадвор јавно би барал кој со кого да коалицира и како да изгледа коалицијата, широка или тесна.
ВМРО-ДПМНЕ се заблагодарува на советот на ЕУ, но одлуките во Македонија ги носат пратениците во Собранието, избрани од народот. Ние како најголема партија со најмногу пратеници сметаме дека најдобро решение се предвремени избори и до крај ќе се залагаме за истото. Македонија има искуство со широки коалиции и во 1991 со експертската Влада и во 2001 со воениот конфликт. Тие ништо добро не и донеле на Македонија. Спротивно на тоа во овие 10 години кога ВМРО-ДПМНЕ имаше стабилно мнозинство се отворија 170.000 нови работни места и се постигнаа најдобрите економски резултати, се наведува во реакцијата на партијата.