![milososki](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/05/milososki.jpg?resize=640%2C379&ssl=1)
ВМРО-ДПМНЕ апелира до институциите коишто се грижат за владеење на правото да не приведуваат недолжни луѓе брзајќи да покажат некаков резултат за немилите настани кои што се случија во Собранието, порача во четвртокот од прес-конференцијата на пратеникот Антонијо Милошоски, член на Извршниот комитет на партијата.
Милошоски информираше дека во текот на вчерашниот ден до партијата пристигнале информации за приведување на повеќе луѓе коишто не сториле никакво насилство или кривично дело, а полицијата ги држела со часови во полициска станица.
„Апелираме до министерот за внатрешни работи да не ги пречекорува тие надлежности, бидејќи дел од нив добиле и притвор без елементарен доказ дека сториле какво и да е кривично дело или насилство“, рече Милошоски.
Истакна дека треба да се разграничи многу прецизно неколкучасовното влегување на одредени граѓани во Собранието, во народниот парламент, „поради насобран револт и гнев, од антидржавните политики на Социјалдемократскиот сојуз од оние неделовнички и други постапки коишто биле спротивни на демократските процедури и да се разграничи од оние поединци кои што без оправдување и без никакво прифаќање нанеле тешки телесни повреди на присутни пратеници или други личности во Собранието“.
Милошоски порача дека МВР и Обвинителството треба да се свесни оти за некого да приведат и изнесат пред суд треба да имаат цврсти докази за сторено кривично дело.
Исто така, продолжи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, јавното обвинителство и судовите не смеат да имаат различни аршини за ваквите настани, од настаните при насилствата врз полицијата направени од ткн шарените протестанти изминатата година, коишто протестираа и биле платени за тао, а вршеа насилство врз македонските полицајци, демолираа одредени институции или ги оштетуваа.
„Има информации коишто ги добиваме дека некои лица добиле и притвор заради вербални деликти, а без извршено физичко насилство. Оттука, апелираме до судот да внимава при носење на одлуките и да се држи исклучиво до фактите, доказите, до остановената пракса, а не да понесува некаква партиска наклонетост зависно од тоа кој на која политичка институција или државна институција припаѓа“, рече Милошоски.
Го повтори ставот на неговата партија дека предизвикувач на овој народен бунт е токму СДСМ, којашто, како што истакна Милошоски, шеесет дена ги игнорирала граѓаните, нивното мислење, нивните мирни и демократски протести, ги провоцирала со навреди, со погрдни зборови, со омаловажувања и конечно на денот на против деловничките и незаконските обиди за избор на претседател на Собранието го направи тоа токму во часовите кога знаеја дека најголем можен начин можат да го предизвикаат тој револт.
„ВМРО-ДПМНЕ континуирано и јавно предупредуваше на сите ризици од ваквиот однос на СДС и од можна ескалација и го замолувавме и претседателот на СДС да не прави и да не презема никакви чекори кои што можат да ја подгреат таа сензитивна атмосфера но очигледно дека уцената кон него за спроведување и прифаќање на пост изборната платформа од Тирана беше поважна и поголема обврска отколку зачувувањето на разумот, рационалноста и соодветното однесување како одговорен политичар“, рече Милошоски.
Додаде и дека го предупредуваат и министерот за внатрешни работи Нухиу да не врши притисок врз вработените во министерството по секоја цена да апсат што повеќе луѓе без основа, со цел тој да добие политички поени или да се покаже како многу способен.
„Само еден невин уапсен човек е поголем преседан за кој ќе се бара одговорност, доколку се докаже дека бил приведен без основ и без докази. А најголемиот преседан сепак се случи со кршењето на Деловникот и со незаконскиот избор на господинот Џафери за претседател на Собранието“, посочи Милошоски.
Во продолжени на средбата со новинарите тој во името на ВМРО-ДПМНЕ ги истакна, како што оцени, натамошните провокации од страна на Талат Џафери за кои рече дека не можат да донесат ништо добро ниту за раѓаните, ниту за довербата во општеството, посочувајќи го како прв таков пример истакнувањето на знаме на друга соседна држава, во конкретниот случај на Република Албанија, во институцијата Собрание на Република Македонија и кабинет на претседателот на Собранието.
„Сметаме дека ова не само што е незаконски потег туку е потег кој што може да ја комплицира и така чувствителната ситуација. Ваквиот потег само покажува дека СДС веќе прифатила и веќе започнала реализирањето на платформата од Тирана, која што е уцена за поразениот на изборите СДС и Заев да можат да бидат мнозинство во Собранието“, констатираше Милошоски.
„Само ќе кажеме неколку примери, зошто ова не е ниту добар политички потег ниту потег кој што ќе ја зголеми меѓуетничката доверба и соживот. Ниту е пак потег кој што е европска практика. Замислете во Република Полска, Претседателот на полскиот парламент да го истакне таму знамето на Германија. Замислете во Бугарија, во бугарското Собрание, претседателот на парламентот да го истакне знамето на Република Турција. Или замислете во Република Латвија или друга балтичка држава, претседателот на парламентот да го истакне знамето на Руската Федерација. Тоа ќе биде не само незаконски, туку и ќе биде политички неодговорен чекор, и провокација која што понатаму ќе ги усложни состојбите во и онака чувствителната ситуација во Република Македонија“, заклучи Милошоски.
https://www.youtube.com/watch?v=B-zBBqmhga8