ВМРО ДПМНЕ до Жерновски: Никола Груевски ниту правел криминал, ниту поддржувал

Нов начин да привлече внимание, вака од ВМРО ДПМНЕ го оценуваат отвореното писмо на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски упатено до премиерот Никола Груевски во кое прашува дали премиерот знаел за наводниот криминал во проектот „Скопје 2014“.

„И овој пат тоа не е со работа и проекти, туку со обвинувања и клевети. Во обид да се излече себе си од кашата која сам си ја создаде и подигнатите очекувања кај СДСМ дека кој знае што ли има во проектот “Скопје 2014” и откако виде и покрај сите можни ревизии дека нема ништо незаконско и спорно сега за да дефокусира сега започна јавно прашања да поставува“, се вели во соопштението од ВМРО ДПМНЕ.

Од ВМРО ДПМНЕ истакнуваат дека „Никола Груевски ниту правел криминал, ниту поддржувал, ниту му паѓа на памет да  поддржи било каков криминал и незаконско работење и тоа им е јасно на сите“.

„И наместо да поставува прашања и да продолжува да си игра играчки со јавноста го повикуваме доколку има било што незаконско или спорно да покрене кривична постапка. Несериозно е на ваков начин да ја дефокусира темата и затоа не не` чуди тоа што и опозициските медиуми веќе ја критикуваат опозицијата за ваквиот нивен несериосен однос кон проектот “Скопје 2014” за кој на виделина излегуваат лагите и манипулации кои тие ги шират“, нагласуваат од партијата.

Од партијата заклучуваат дека обвинувањата на Жерновски се „апсолутно невистинити“

„За тоа дали имало или немало криминал надлежнни се овластените институции, и тие ќе кажат дали постои или не постои незаконитост во проектот “Скопје 2014”. Но, Жерновски треба да се запраша што ќе биде ако утврди дека не постои. Ќе се извини ли Жерновски, не само на Груевски туку и пред целиот народ, затоа што додека лажеше дека ќе воведе гас, ќе изгради училишта и градинка и редици други работи заборави дека треба да го исполни ветеното и се зафати со проектот “Скопје 2014” кој е тука и во голема мера е изграден“, велат од владејачката партија.