ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за основно образование

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ подоцна во петокот ќе поднесе Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование со цел да се овозможи континуитет во изучувањето на предметот Историја како посебен наставен предмет во основното образование, рече на прес-конференција Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.

„Најавите за укинувањето на предметот Историја предизвика голем број на негативни реакции како од граѓаните во Република Македонија така и од професионалната фела која што остро се спротивстави на овој нов концепт промовиран од министерката Мила Царовска“, рече Ласовска.

Потсетио дека Институтот за историја при Филозофскиот факултет едногласно се изјасни дека решително го отфрла интегрирањето на предметот историја со науки од сосем различен вид, дека речиси идентично се изјаснија и голем број професори од Институтот за национална историја, оти претседателството на МАНУ побара систематско и посебно изучување на историјата., додека Филозофскиот факултет во Скопје, како и Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје заклучија дека предметот историја треба да остане како самостоен предмет.

„По одржаната јавна расправа на 5-ти февруари  година во Собранието на тема ‘Нацрт Концепцијата за основното образование’, ставот на поголем дел од учесниците во јавната расправа како преставници на државотворни институции е идентичен односно историјата да се изучува како посебен предмет. Компаративните искуства во однос на изучувањето на предметот Историја покажуваат дека во 20 од 27-те земји членки на Европската Унија, во основното образование се изучува предмет историја, а не содржини кои традиционално ѝ припаѓаат на историјата во рамките на друг предмет, како што се предвидува со Концепцијата подготвена од Министерството за образование, туку самостоен предмет“, додаде Ласоска.

Поради тоа, како што продолжи пренитечката на ВМРО-ДПМНЕ, опозициските пратеници сметаат дека изучувањето на историјата придонесува кон оформување историска свест кај граѓаните и ги мотивира да развијат чувство на одговорност кон историското наследство и заедничките добра. Од оваа причина, училиштето треба да го истражува, збогатува, продлабочува и консолидира знаењето на историјата.

„Како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и претставници на илјадници граѓани во Собранието на Република Македонија бараме од министерката Мила Царовска да престане со овие погубни експерименти во образовниот процес бидејќи единствена штета од овие штетни политики ќе имаат токму нашите деца и идните генерации на ученици“, истакна Ласовска.

Апелираше и до парламентарното мнозинство предводено од СДСМ и ДУИ да даде поддршка на овој предлог закон и заедно да ја зачуваме и негуваме богатата историја на македонскиот народ и сите останати народи кои се дел македонската држава, додаде таа.