ВМРО-ДПМНЕ и Владата не поддржуваат зголемување на старосната граница за пензионирање и тоа е затворена тема за нас, соопштија од владејачката партија.
„Тоа што не сфаќаме е како истите луѓе кои молчеа додека се ограбуваше државата, додека инфлацијата растеше вртоглаво, додека институциите ги распаѓаа или тие лично или нивните најблиски соработници, сега глумат душегрижници, дали мислат дека народот им верува? Лицемерието и дволичноста на СДС се добро познати на граѓаните. Во време на СДС имаше пад на економијата највисок во историјата, историски највисока инфлација, осиромашени граѓани, пад на индустриско производство најголем во историјата, додека земјите од регионот имаа раст од над 50 отсто на БДП по глава на жител во период 2017-2023, Македонија имаше едвај 20 отсто“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ваквата реакција доаѓа откако Фискалниот совет (тело оформено во време на владата на Димитар Ковачевски и СДСМ/ДУИ), наводно независно тело што изработува анализи и мислења за макроекономските и за фискалните претпоставки користени за изработка на Буџетот на државата и фискалната стратегија, како „гром од ведро небо“ наеднаш предложи мажите и жените да одат во пензија на 67 години со цел одржување на Фондот на ПИОМ.