ВМРО-ДПМНЕ принципиелно е за раст на платите, вклучително и минималната, а ставот на професорот Трајко Славески е негов личен став, исто како што постојат бројни ставови на експерти про и контра растот на минималната плата, соопшти партијата.
– Суштинското прашање кое треба да се постави е дали владата со ова ќе постигне нивелирање на сите останати плати во државата? Сите работници имаат право да го остварат тоа, бидејќи инфлацијата која власта не успеа да ја сопре навреме ги засега сите граѓани. Доколку власта навистина искрено сака да постигне пропорционално нивелирање на платите во сите сектори, тогаш тоа може да го направи со платите во образованието согласно градацијата во колективниот договор. Тоа Владата може да го направи, бидејќи тоа е директно нејзина ингеренција – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека владата треба да престане со практиката на матни тендери и кражби, за да помисли на работниците и бизнисите.
-Поради ненорамлните економски услови за стопанисување во Македонија, кои ги создаде, Владата има обврска да престане со крадењето и матните тендери и средствата да ги насочи кон поддршка на ослабените и уништените компании со цел растот на платите да го постигне целосниот ефект за сите субјекти во економијата. За жал власта на заевизмот со месеци, особено пред изборите ги манипулираше работниците, и ја злоупотребуваше темата, па го одложуваше покачувањето на минималната плата, за сега да бара изговори и вина во други. Вината за економската состојба на граѓаните и нивниот стандард е единствено само кај власта, бидејќи таа создаде неподносливи економски услови и за работниците и за стопанството, кои само создаваат поголема сиромаштија и тонење – велат од ВМРО-ДПМНЕ.