9.8 C
Skopje
вторник, декември 3, 2024

ВМРО-ДПМНЕ: Ефектите од погубните економски политики на Владата излегуваат на површина

Паѓа продуктивноста, се намалува конкурентноста. Ефектите од погубните економски политики на Владата на Заев излегуваат на површина!, велат од Комисијата за економија на ВМРО-ДПМНЕ.

-Официјалните податоци на ДЗС покажуваат дека бројот на вработени во Република Македонија се зголемил за 17.600 работници (од 771.806 во четврти квартал од 2018 година на 789.414 во први квартал од 2019 година) или за 2.3% во услови кога во истиот период реалниот БДП се намалил за 211 милиони евра (од 1.957 милиони евра во четврти квартал од 2018 година на 1.745 милиони евра во прв квартал од 2018 година) или за 11%.
Ова подразбира значителен пад на продуктивноста (реален БДП по работник) во економијата за цели 13%, што де факто јасно ги потврдува погубните мерки за нереалното зголемување на вработеноста во земјата што државата ги плаќа со пари од буџетот.

Овие погрешни политики на Заев заедно со најавените мерки за вештачки раст на платите нема да обезбедат никакви економски придобивки за граѓаните, единствено ќе имаат погубни ефекти за македонската економија од аспект на губење на конкурентноста на корпоративниот сектор и пад на развојниот потенцијал на економијата во наредниот период.

За ова повеќе пати предупредивме, но најважно е тоа што веќе исти загрижувачки тонови пристигнуваат од НБРМ и Светска Банка, стои на Фејсбук страницата на Комисијата за економија на ВМРО-ДПМНЕ.