Заев и СДСМ ќе мора да одговараат пред граѓаните за кризата во која ја втурнаа и држеа Република Македонија повеќе од две години со измислици како таа дека требало да победат на изборите, но „фантомските гласачи“ им ја одземале таа можност, велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Соопштението Ви го пренесуваме интегрално
Се распрска на илјада парчиња уште една лага на СДСМ.
Она што го знаеа и малите деца, веќе им стана јасно и на најголемите поддржувачи на СДСМ: не постојат фантомски гласачи. За поразите на СДСМ е виновен само СДСМ и никој друг.
Граѓаните веднаш после објавувањето на списокот на ДИК за неконзистентни записи се уверија дека СДСМ за „фантоми“ ги смета нивните екс-функционери Јани Макрадули, Гордан Георгиев и Благој Ханџиски, поранешниот претседател на СДММ Дарко Давитковски, сестрата на најпоразуваниот политичар во Македонија Радмила Шекеринска, невладината балерина на СДСМ Мирјана Најчевска, балансираните новинари Ерол Ризаов и Ида Протуѓер, Фиат и Сефер Цаноски, сестрата и внукот на Катица Јанева – Лиле и Ѓорге Делиџакови.
Од денес на списокот на фантоми се придодава и Павле Трајанов. Апсурд до апсурд се сите обиди на СДСМ да создадат алиби за бегство од изборите, за нивно одложување или непризнавање на резултатите.
Заев и СДСМ ќе мора да одговараат пред граѓаните за кризата во која ја втурнаа и држеа Република Македонија повеќе од две години со измислици како таа дека требало да победат на изборите, но „фантомските гласачи“ им ја одземале таа можност.
Никакви фантоми туку граѓаните лично 10 години не му даваат на СДСМ да претне подалеку од длабока опозиција затоа што освен ваквите бесрамни лаги и деструктивни сценарија, СДСМ нема ништо да им понуди.
Наместо да земат и да сработат нешто кое ќе им биде од корист на граѓаните, во СДСМ се занимаваат единствено со фабрики за афери и измислувањето на бесмислици на кои во очи им се смее цела Македонија.
Наместо да си признаат дека граѓаните не им ја даваат довербата бидејќи не ги бива, во СДСМ мислат само како да не преземат одговорност за сопствените постапки и со нови лаги да ја замајуваат јавноста.
Срамот на СДСМ ќе му стои засекогаш, а десеттиот пораз по ред ќе му биде врачен на 5-ти јуни. Нема бегање од судот на граѓаните кои СДСМ ги држеше како заложници и ги манипулираше цело време. Ваквата деструкција ќе биде казнета, десетти пат по ред, стои во соопштението.