ВМРО-ДПМНЕ: Фрчкоски како амбасадор во Њујорк е срам за Македонија

Човекот кој им порачуваше на Албанците дека ќе завршат во Јадранско море, а Македонците дека ќе зборуваат бугарски, Пендаровски со указ го назначи за ополномоштен амбасадор на Македонија во Организацијата на Обединети Нации, реагира денеска ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму наведуваат дека Фрчкоски е контроверзен лик кој во 2001 година заговарал бугарски и грчки војски да интервенираат против македонските Албанци, или како што го цитираат „можеби ние ќе зборуваме бугарски, ама Албанците ќе пливаат кон Италија“.

„Фрчкоски кој ги тепаше граѓаните во Тетово, во чиј мандат се случи атентатот на Глигоров, кој издаваше наредби за прислушкување, кој дозволуваше кршење на ембаргото кон Србија и шверц, кого го одбија како предлог за амбасадор во САД, сега Пендаровски го испраќа во Обединети Нации. Ова е срам за Македонија. Колку што е срам за Фрчкоски, уште поголем срам е за Ковачевски и за Пендаровски кои ова го овозможуваат. После се чудат зошто никој не ја есапи сериозно Македонија. Епа поради нивните авантури со именување контроверзни ликови на најзначајни позиции во дипломатијата сме на ова дереџе“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.