ВМРО-ДПМНЕ: Функционерите на СДС досега стопија околу 334 милиони евра

Време е владата на СДС да собере сили и да признае каде одат народните пари. Владата на СДС треба да одговори на граѓаните зошто нивните пари секојдневно испаруваат и исчезнуваат, се вели денеска во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ во соопштението пишува дека за неполни 3 месеци волшебниците на Заев успеале да направат да снема стотици милиони евра пари на граѓаните од девизните резерви и од издадените хартии од вредност.

-Секоја недела без објаснување министерот за задолжување распишува аукции за државни хартии од вредност, а бенефит од тоа граѓаните не чувствуваат. Лакомите и неспособни функционери на СДС досега стопија околу 334 милиони евра, по основ на повлечени пари од девизните резерви и задолжувања од издадени државни хартии од вредност, пишува во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека граѓаните на Република Македонија не сакаат нивните пари да завршуваат во џебовите на волшебниците од СДС и нивните асистенти од платеничката шарена револуција.

-На јавноста се повеќе и е јасно дека овие пари не одат за покачување на платите и пензиите или нови проекти туку се трошат за луксузирањата на СДС, и покривање на партиските вработувања во институциите, се вели во соопштението.

Од опозициската партија велат дека Владата на Заев креира само хаос и неизвесност. Од таму порачуваат дека СДС на 15-ти октомври ќе се соочи со политичка одговорност.