Кандидатот за градоначалник Горан Герасимовски и водечката на советничката листа Андријана Будимир од СДСМ за Центар, се чини, имаат склероза кога се расфрлаат како од ракав со ветувањата пред жителите на оваа скопска општина, реагираат во неделата од ВМРО-ДПМНЕ.
„Будимир треба да знае дека новата сала на Работнички нејзината партија ја ветува веќе трет мандат. Андреј Жерновски ја вети уште во 2013-та, па дури и беше избран идеен проект за тоа како би изгледала салата. Богдановиќ исто така ја вети во 2017-та со разлика дека ќе изгради нова сала со подземен паркинг, за сега Будимир во 2021 година ја ветува повторно истата сала“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека од друга страна, пак, Герасимовски ветува дека ќе се борел против претераното градење во Центар а неговата партија е на власт во Центар од 2013-та година.
„Сакаме да го потсетиме Герасимовски дека за целокупниот мандат од 8 години Центар од сите општини на ниво на Република Македонија е рекордер со издадени 489 дозволи за градење од кои 310 само во мандатот на Андреј Жерновски додека останатите 179 дозволи во мандат на Богдановиќ и тоа при донесен мораториум. Дополнително предизборно општина Центар истанца дополнителни дозволи за 200 станови“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека сите овие ветувања се само врв на лагите на СДСМ и граѓаните тоа го гледаат и знаат да го препознаат. Затоа центарци се мудри и паметни и на 17-ти Октомври ќе ја донесат вистинската одлука.