Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ на поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, Реис Ул Улема Хаџи, Сулејман Ефенди Реџепи, на членовите на Ријасетот и на сите останати припадници на исламската вероисповед во Република Македонија им го честита празникот Рамазан Бајрам.
„Овие празнични мигови поминати во радост, мир и благосостојба се и мигови кога имаме можност уште повеќе да ги зацврстиме и унапредиме нашите долговековни принципи на градење соживот, меѓусебно разбирање и толеранција, но и мигови кога можеме да ги истакнеме традиционалните вредности на заедништвото и хуманоста помеѓу луѓето кои живеат во нашата татковина, Република Македонија“, се вели во честитката.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со ова празнување и почитувањето на меѓусебните верски и културни посебности се покажува желбата да се оди по вистинскиот пат кој ќе даде сила и мотив да се продолжи со градењето силни врски на меѓусебна соработка и соживот.
„Само на тој начин, ќе успееме да создадеме вредности и дела за идните генерации за да можат успешно и сигурно да продолжат да се движат по патот кој ќе ја гарантира нашата заедничка цел и заложба, а тоа е успешна, силна и просперитетна Република Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во духот на овие вредности, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ на сите припадници од исламска вероисповед во Република Македонија им го честита празникот Рамазан Бајрам и им посакува овие празнични мигови да ги поминат во мир, спокој и хармонија во кругот на своите најблиски.